Груевски: Привлекувањето на странски инвестиции оди се’ полесно

Се полесно и полесно оди и ќе оди работата со привлекување странски инвестиции, како резултат на искуството  на тимот за инвестиции  во споредба со пред пет-шест години и раширениот глас за Македонија меѓу странските инвеститори, посочува премиерот Никола Груевски во интервју за неделникот  „Република“.

Секоја година, наведува, повеќе компании дознаваат за нас. И преку нашите роуд-шоуа и преку директните контакти на тимот за инвестиции со претседателите на компаниите и преку медиумските реклами што ги правиме на Си-Ен-Ен и на други меѓународни медиуми, но и од уста на уста. Кога една компанија ќе дојде тука или ќе дојде на наше роуд-шоу, па ќе раскаже што слушнала на друга. Можеби тоа е и највредно, од уста на уста. Така што интересот е се поголем, вели Груевски.

Тој нагласува дека најавените во тек на последната изборна кампања нови десетина компании за инвестирање во Македонија една по една веќе  потпишуваат договори и најавуваат месеци кога ќе ја почнат градбата.

– Последна беше „Енергија“ од Украина. Со некои веќе договоривме датуми, крајот на септември, октомври, така што работите се движат во добар правец, наведува премиерот Груевски.

За Владата, укажува, е многу важно и многу се труди колку што е можно да има повеќе дисперзија на инвестициите, односно  да не се концентрираат само околу Скопје, туку да одат и во другите региони.

– Да одат во Битола, во Тетово, во Прилеп, во Штип, во Струмица, во Кавадарци, во Велес, во Гевгелија итн, за да можат луѓето што живеат во тие региони да си ја најдат својата среќа таму каде што живеат да не бидат принудени да се преселуваат да се отселуваат и својата заработка и среќа да ја бараат во други места независно дали во Македонија или надвор од Македонија. Ние секогаш кога можеме да убедиме некој инвеститор да инвестира надвор од Скопје тоа го правиме. Меѓутоа не секогаш инвеститорот не слуша нас. Ниту пак можеме да му вршиме преголем притисок, бидејќи тоа може да го поколеба и да ја напушти Македонија, односно да инвестира во друга држава, вели Груевски.

Заеднички интерес, нагласува, е да се оди во внатрешноста. Но, не секогаш е возможно заради компетициите, заради доволно високообразувана работна сила во делот на кој што ним им е потребен. Можеби во некој регион има доволно високообразувана работна сила, но не баш во тој дел кој што ним им треба, посочува премиерот.

Тој очекува во наредните две до три години да се изградат и примарната и секундарната гасификациска мрежа.

За примарната гасификација, информира, се преговара со ЕБРД и има усно начелно одобрување за  заем за изградба за примарен гасовод од град во град. – Тоа во секоја земја го прави државата и не се дава тоа да го прават концесионери. Инаку постојат концесионери кои веднаш би го направиле тоа, но вообичаено е државите тоа да го прават сами заради некоја своја независност во енергетиката итн, но независно од причините тоа го прават сами за примарната гасификација. И освен оној дел меѓу Куманово и Штип кој што очекуваме да се затвори со враќањето на долгот од Русија, стариот долг од СССР кон Македонија,  тоа е од Клечовце кумановско до осум километри после Штип, за останатиот дел од примарниот гасовод треба да се направи преку финансирање од ЕБРД и тоа се уште не е точно дефинирано, но приближно ќе чини околу 300 милиони евра, наведува Груевски и посочува оти  се надева дека во наредните месеци ќе се завршат разговорите и ќе се потпише договор. Потоа, посочува, следат физибилити студии, проекти и градба.

За секундарната мрежа, укажува премиерот, за Скопје е при крај тендерот за концесионер кој што ќе ги поврзе цевката до Скопје до сите фабрики и домаќинства. За источна и западна Македонија неодамна се објави оглас за концесионер и очекуваме и тука да има голем интерес. Така што, очекувам во наредните две до три години да се заврши оваа работа и да се изградат и примарната и секундарната мрежа, вели претседателот на Владата.

За обезбедување поголеми количини на гас размислувањата биле насочени кон две можности, Јужен тек и проектот ТАП, но, посочува, сега разгледуваме можности и за повеќе.  – Едната можност е Јужен тек, проект кој што во моментов е во „стенд бај“ ситуација заради политички проблеми заради ЕУ и САД од една страна и Русија од друга, а поврзани со Украина. Тој проект во моментот е во мирување, а дали ќе се реализира или не не зависи од нас бидејќи се работи за поголеми геополитички интереси на кои што Македонија не може да има влијание. Доколку работите одат во лош правец во тој контекст, нема да се реализира, доколку сепак се најдат некои договори и решенија меѓу големите сили тогаш веројатно ќе се најде решение и за ова прашање и ние би се вклопиле во сето тоа, посочува Груевски.

За ТАП, вториот проект што го разгледуваат  разговарав и со претседателот на Азербејџан кога бил во Баку пред година и половина, со премиерот и министерот за развој и со сопствениците на компанијата СОКАР која што ќе го гради овој гасовод. Компанијата, појаснува, подоцна испрати и свои претставници во Македонија, имавме разговори, значи тие се отворени, нема никакви проблеми со нив. Но, проблемот со тој гас е што ќе стигне доцна во Европа, некаде во 2022/2023 година. Односно, ќе стигне гасоводот во 2021 година, но за првите две години веќе се распродадени количините на гас, значи количини гас за Македонија би имало најрано 2023 година доколку нема доцнење на овој проект, подвлекува премиерот.

Во меѓувреме, дополнува, разгледуваме и други варијанти за други гасоводи. – Приклучување на интерконективниот гасовод меѓу Романија и Бугарија е едната опција, а втората опција е да се повлече цевка од Грција. Тие имаат изградено цевки некаде до 30-тина километри до нашата граница, што значи ние би требало да изградиме цевка внатре во Грција до нашата граница и внатре во нашата земја, до каде што е потребно за да се повлече течен гас од атинското пристаниште каде што го носат со бродови, посочува премиерот Груевски.

Тоа, укажува, е малку поскап од другиот гас кој се носи со примарниот гасовод, но во даден момент може да заврши многу работа. – Во овој контекст немаме проблем со Грција. Таа не го сопира ова, дадоа изјава дека нема никаков проблем да се заврши таа работа, така што со нашиот економски тим сме во комуникација со сите овие кои ги споменав и наскоро треба да донесеме одлуки кои од овие ќе биде прва наша опција, втора наша опција итн. Така што засега со овие количини што ги добиваме на гас немаме проблем на краток рок, но на подолг рок кога ќе се изгради целата гасоводна мрежа низ Македонија-  и примарната и секундарната – би ни требале дополнителни количини на гас. И она што го работиме е за следните 5-6 години да немаме проблеми со количини на гас, потенцира премиерот Никола Груевски.

Во интервјуто се осврнува и неодамнешниот Берлински самит,  наведувајќи дека   во економскиот дел  идејата е да се даде поголем импулс во земјите од Балканот кои имаат економски проблеми и назадувања со цел кога ќе дојде време за пристапување кон ЕУ, земјата да задоволува некои проценети економски стандарди за да биде дел од Унијата.

– Останува да  се види како ќе го прават тоа, ако планираат да го прават само преку заеми, мислам дека ќе биде мала поддршката, бидејќи повеќето од овие земји имаат проблеми со задолжувањето. Лимитите за задолжување им се веќе надминати. За среќа, Македонија не е во таа група, но Словенија, Хрватска, Србија и веројатно и другите или се многу блиску или ги имаат надминато лимитите за задолжување. Доколку се работи за грантови од ИПА проектите, тие и до сега постојат и не е некоја новина. Па ќе чекаме што ќе излезе, дали некоја нова иницијатива во однос на поддршката или комбинација или зајакнување на постојните, како што се погласно се говори, тоа допрва треба да се види, вели Груевски.

Во делот на енергетиката, додава, познато е дека ЕУ сака да направи повеќе можности за гасоводите, за можностите за гас, така што веројатно тука ќе се обидат да се дадат повеќе можности за земјите од регионот, да не бидат зависни само од еден извор. Во делот на инфраструктурата, во смисла патишта, железници, развој на цели мрежи на инфраструктура, посебно преку регионални проекти, за меѓусебно поврзување, исто така се бара соработка, и напредок, а и се чини дека ќе постои и посериозен фокус и поголема поддршка од ЕУ.

Според него, главното за нас е што ќе има поголем фокус во позитивна насока на целиот регион, вклучувајќи ја тука и Македонија.

Германија, вели Груевски, ниту во еден случај ниту пак ниту еден учесник на Самитот не кажале методологија како планира да ги стимулира германските компании повеќе да бидат пруисутни тука и како инвеститори и како купувачи на стоки.

– Мислам дека Ангела Меркел алудираше на две работи. Првата работа беше пристап до фондови за инфраструктурни проекти-патишта, железница енергетски проекти и слично, и второто беше укажување дека земјите треба да посветат повеќе внимание на подобрување на нивната бизнис клима, бидејќи приватните компании од Германија и од другите земји од ЕУ нема да дојдат ако не се чувствуваат пријатно во таа земја, ако нема поволни услови за бизнис, добри закони, мерки, ослободувања, реформи, владеење на правото, но и други елементи кои што се дел од една слика која што се нарекува бизнис- клима,  посочува Груевски.

Тука, додава, можам да кажам дека меѓу земјите кои беа присутни, низ неформалните разговорите се гледа оти постои едно верување дека Македонија е отидена најнапред во тој дел, а тоа го гледаме и од извештаите на меѓународните финансиски институции како ММФ или СБ.

 – Не дека немаме што повеќе да направиме, или дека сме ја завршиле целата работа, се разбира дека секогаш има можности за подобрување, реформи и модернизација, но во духот на нашите дискусии, особено неформалните, е дека Македонија има најмногу прогрес. Што впрочем го покажуваат резултатите, што имаме привлечено крупни компании и станавме сериозен регионален играч во однос на привлекување на странски директни инвестиции, потенцира Груевски.

Во тој контекст ги пренесува укажувањата наМеркел „подобрете ја бизнис климата за да можеме полесно да ги охрабриме нашите компании и тие да не послушаат“ и „имаме фондови со кои што ќе се поддржат регионалните проекти и гледајте тие проекти да бидат регионални да бидат меѓу две или три држави, но и тие да бидат издоговорени меѓу вас, а не една земја да дојде со еден приоритет а друга со друг приоритет, за да полесно ви пројдат проектите“. Но, потенцира Груевски, во ниту еден момент не беше цврсто дефинирано како би било тоа, дали во форма на кредити, дали како грантови, дали комбинација, дали преку ИПА или нешто друго. Така што сега ако ова се реализира ќе има повеќе можности.

– Ние веќе како држава имаме можности, и досега доста успешно работиме со ЕБОР (ЕБРД) и со Европската инвестициска банка, меѓутоа се појавија и други можности. Да речеме кинеските кредити кои што се меки кредити со два посто каматна стапка, со грејс период од пет години и 20 години рок на враќање. Исто така, со оглед дека имаме добра макроекономска состојба во земјата имаме и пристап до кредити преку еврообврзници со ниска камата. Еве последната еврообврзница што ја издадовме е со 3,95 проценти, според мене е еден од најдобрите услови што сме ги имале на слободниот пазар и никогаш Македонија немала поевтина каматна стапка од оваа сега. Така што во тој поглед живееме во време и период кога не е проблематичен изворот и пристапот до кредити, туку лимитот за кредитирање на земјите од овој регион, вели Груевски.

Според него, вистинските можности за грантови ќе дојдат кога ќе станеме членка на ЕУ.  – Тогаш се оние структурни фондови кои што 80 проценти се во грант, а 20 проценти треба да го исфинансира државата преку кредити или слично. Такви фондови користат земјите кои што влегоа во последните 10 години. Тие се најдобрата алтернатива на кредитите, односно на заемите. Но, тоа е главно по влегувањето. Дали и пред влегувањето ќе се извадат такви фондови, тоа во моментот не знаеме бидејќи никој такво нешто ни нема најавено, наведува премиерот Груевски во интервјуто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.