ТОП,Македонија

Груевски: Продолжува изградбата и реконструкцијата на болниците

Груевски: Продолжува изградбата и реконструкцијата на болниците

Реконструкцијата и изградбата на болници низ цела Македонија продолжува и оваа година. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски истакна дека се работи за сериозен проект за изградба и реконструкција на болници за кои се инвестираат вкупно 70 милиони евра, од кои досега се потрошени 63 милиони евра.

Владата и ВМРО-ДПМНЕ имаат зацртано програма којашто ја реализираат и од она што сум информиран во моментов се вршат реконструкции или градби на повеќе болници во Македонија, тргнувајќи од штипската болница која се гради од темел, потоа болницата во Битола којашто се реконструира, болницата во Прилеп којашто се реконструира, болницата Св. Еразмо во Охрид, каде што започна реконструкцијата и болницата во Кичево. Во овие болници кои сега се во тек на градба или реконструкција, вкупно се инвестираат 63 милиони евра, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска ја посети лабораторијата за биохемиска пренатална дијагностика на Унииверзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Во наредните месец до два, рече Груевски, ќе започне и доградба на болницата во Куманово за правење на Ургентен центар.

Тоа е дел од нашата програма, вкалкулирано е и зацртано во буџетот за оваа година. Покрај тоа, ќе почне реконструкцијата на струмичката болница и на болницата Св. Наум во Охрид. Тоа се три нови или градби, или реконструкции како што е Св. Наум Охридски во Скопје и струмичката болница. Тоа се оние кои се зацртани, еден сериозен износ на средства, околу 70 милиони евра во градба и реконструкции кои главно се во тек, а дел ќе започнат во наредните неколку месеци. Тоа е еден силен инвестиционен циклус, во многу од овие болници е и прва реконструкција откако тие се изградени пред повеќе од 30-40, некои и 50 или повеќе години. Значително ќе ги подобри условите за вработените и за граѓаните кои имаат потреба од здравствени услуги, кои лежат во болници и доаѓаат на прегледи, терапии и слично. Ќе биде темелна реконструкција, со обновување на се она што треба да биде обновено, додаде Груевски.