Груевски: Програмата на ВМРО-ДПМНЕ се заснова на два клучни фундаменти – подобар живот за граѓаните и развој на економијата

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ се заснова на два клучни фундаменти- животот на граѓаните да го направи подобар и да се овозможи непречен развој на економијата кој ќе создаде нови можности и услови за напредок.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денес заедно со економскиот тим одржа работен состанок со Сојузот на Стопански комори на Македонија.

Тој од бизнисмените побара идеи и предлози кои како проекти ќе бидат вметнати во новата предизборна програма на владејачката партија. Груевски потенцира дека како и секоја, така и оваа програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе биде сеопфатна, напишана по консултации со сите релевантни фактори како бизнисмените, но пред се со граѓаните.

Како што знаете од минатото, програмата е секогаш многу детална и повеќе наликува на акционен план за работа на Влада отколку на обична политичка програма. Знаете дека потоа прилично цврсто се држиме до исполнување на таа програма и ги остваруваме дадените ветувања. Кога правиме програма за изборите тоа е исклучително важен момент за нас и за сите субјекти во државата. Не случајно ги вршиме сите неопходни подготовки, разговори, собирање идеи, дискусии и дебати…Правиме обемни подготовки за да извадиме материјал кој понатаму ќе даде дополнително гориво во нашата држава и економија за наредните 4 години, рече Груевски.

Тој потенцира дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ се заснова на два клучни фундаменти- животот на граѓаните да го направи подобар и да се овозможи непречен развој на економијата кој ќе создаде нови можности и услови за напредок.

За да се постигне ова, потребно е да се слушне гласот на граѓаните, но и препораките на бизнис заедницата, а за да се реализираат нови дела потребен е план. Тој план е нашата програма која е наша визија за тоа како Македонија треба да оди напред. Без исклучок пред избори, нашата програма е најсилниот и најзначајниот документ околу кој ја темелиме нашата политика. Нема тајни за постигнување на успех,  туку успехот е работа, добро планирање, решавање на проблеми, план и визија за напредок, сеопфатен, добро подготвен со слушнати сите страни кои можат да допринесат и кои можат и сакаат да дадат коментар. Ние постојано го слушаме народот, рече Груевски.

Во другиот фундамент одлучувачки и многу значаен за ВМРО-ДПМНЕ е гласот на бизнис заедницата.

Секој член на економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ е лесно достапен со секој предизвик со кој се соочувате и ние сме во перманентна комуникација. Отворени сме и достапни да ги слушнеме сите ваши предлози и идеи за тоа како може да ја унапредиме работата на компаниите, како може да ја подобриме бизнис климата, да отвориме нови можности и сето тоа да го преточиме во наша програма. Кога сме кај бизнис климата добро знаете дека имаме огромен напредок, за многумина кои не следат од надвор, дури и неверојатен напредок, но секогаш има можност за уште повеќе. Ако сме сега во првите 12 во светот и шесто во Европа, зошто да не бидеме на 5-то во светот или на 3-то во Европа. Тоа може да го постигнеме само ако заеднички работиме и создадеме вредност  која ќе даде резултат, рече Груевски пред претставници на компании од сите сектори на економија.