Груевски промовираше нова мерка за земјоделците

Земјоделството е една од стратешките приоритети за владејачката партија. За ова денес говореше лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски, кој потенцира дека продолжува огромната заложба за помош и поддршка за земјоделците.

Груевски истакна дека преку напорен труд, дијалог и контакти со земјоделците, како и реализација на голем број мерки се создадоа услови за егзистенција на многу земјоделски семејства. Но, сепак овие заложби продолжуваат.

Предвидена е можност за 80 проценти поддршка од државата за системи капка по капка и ископ на нови бунари. Воспоставување на систем за наводнување и соодветно дозирање на водата овозможува зголемување на приносите кај неколку култури и неколку пати.

За таа цел, а во насока на подобро искористување на природните ресурси, предлагаме субвенционирање за воспоставување на алтернативни системи за наводнување и воспоставување на системи „Капка по капка“. Целта на оваа мерка е зголемување на обработливите површини  под систем за наводнување за подобрување на квалитетот и приносите на земјоделското производство. Право да конкурираат ќе имаат физички лица на кои земјоделството им е примарна дејност, регистрирани земјоделци за производство на раноградинарски производи или за овоштарство. Понатаму, земјоделски компании или земјоделски задруги. Цел на набавка е опрема за воспоставување на систем за наводнување на садници, одгледување на раноградинарски култури, овоштарство или за наводнување на стакленичко или пластеничко производство. Преку мерката финансиски ќе се поддржат земјоделците и земјоделските стопанства за инсталирање на модерни системи за наводнување. Тоа ќе донесе сериозна заштеда, рече Груевски.

Тој потенцира дека проценките говорат дека цените  на чинење за инсталирање на систем Капка по капка за површина од еден хектар: за овошен насад 105.797 денари, за лозов насад 114.422 денари и за систем за наводнување на житни култури 123.000 денари.

Осумдесет посто од средствата за реализација  на наведените активности ќе бидат обезбедени преку државата. Ќе бидат обезбедени преку програмата за рурален развој на земјоделството, а остатокот од средствата ќе ги обезбеди корисникот. Максималната површина за која ќе се  однесува поддршката ќе биде до 50 хектари, рече Груевски.

Што се однесува до ископот на бунари, рече Груевски, просечната сума која е потребна за изградба изнесува околу 150 илјади денари, или околу 2,5 илјади евра на длабочина до 50 метри.

Со ова, со оваа најнова мерка државата ќе покрие дури 80 проценти пари кои остануваат како заштеда за земјоделецот. Дополнително ќе бидат извршени и законски измени со кои ќе се олесни и поедностави постапката за добивање на водостопански дозволи за изградба на бунари, потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Груевски, со мерката, не само што земјоделците ќе заштедат 80 проценти од сумата за инсталирање на системот и изградба на бунари, туку и ќе имаат зголемен принос, што значи екстра профит и заработувачка.

Затоа е потребна масовна примена на системот Капка по капка и затоа државата, Владата, ќе излезе во пресрет на земјоделците за да може што помасовно да биде искористена и употребена оваа мерка.

Инаку, мерката треба да започне да се применува од јануари 2017 година.

Апликациите ќе може да се доставуваат од октомври 2016 година и ќе се издвојуваат по минимум 3 милиони евра годишно, а по потреба износот ќе расте, истакна Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.