Груевски: Нема да дозволиме прифаќање на кое било решение за спорот, без референдум

Нашите црвени линии како политичка партија се јасни. ВМРО – ДПМНЕ нема да прифати предлози што би го загрозиле македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, за тиражниот грчки весник „То Вима“ истакна дека нема да се дозволи прифаќање на кое било решение за спорот, без референдум.

Неприфатлива е каква било промена на уставот со која се менува уставното име на Република Македонија. ВМРО ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатено од страна на политичари или поединци, влада или парламент без референдум. Ние сме подготвени да го продолжиме дијалогот и да останеме силно посветени на процесот на интеграција во семејството во кое припаѓаме и политички и културно и економски. Ние сакаме решение за проблемот не само заради членството во НАТО и ЕУ, туку и заради нормализирање на односите со Грција. Надвор од овој проблем, постојат многу заеднички предизвици кои ако заеднички ги решаваме, ќе биде подобро и за двете држави и народи, и за целиот регион. Но сепак, решението не може да биде еднострана желба на една од двете држави, туку компромис кој не загрозува ничии интереси. Не постои решение издејствувано со сила, закана или уцена кое може да е одржливо. Земете ја на пример привремената референца за името од Времената спогодба од 1995 година. Тогаш народот не беше прашан. Секој во Македонија ја отфрла таа референца.  При тоа, народот е уште поподготвен да се бори за сопственото име и идентитет. Таа е навредлива за македонските граѓани и така ќе остане засекогаш, изјави Груевски.

Интервјуто на Груевски за То Вима во целост проследете го на следниот линк.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.