Груевски: Реформите во здравствениот систем еден од приоритетите на Владата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска оствари средба со претседателката на Светската здравствена организација за Европа, Зузана Јакаб.

На средбата соговорниците разменија мислења за актуелните политики на Владата во делот на здравството, главните стратешки цели и дејствувања, како и за соработка во повеќе заеднички сфери.

Премиерот Груевски посочи дека Владата на Република Македонија посветува големо внимание за унапредување на здравјето на граѓаните и реформи во здравствениот систем и истите се наоѓаат во врвот на приоритетите во работата на Владата. Токму за таа цел минатата година беше формиран и Комитет за здравје и животна средина на кој се креираат владините политики и се предлагаат реформски мерки чија цел е унапредување на состојбите во посочените сфери, истакна премиерот Груевски.

Истовремено, премиерот Груевски го информираше својот соговорник дека Владата започна со сеопфатна кампања за придобивките од консумирање на здрава храна и водење на здрав начин на живот, чија цел е заштита на здравјето на граѓаните и превенција од разни заболувања. Преку оваа кампања се споделуваат фактите и информациите од непридржувањето кон здравиот начин на живот и здрава храна и преку едукативен пристап се влијае врз намалување на причинителите кои може да доведат до загрозување на здравјето на граѓаните, изјави Груевски.

Sredba Gruevski-Jakab_2

Премиерот Груевски се осврна и на останатите реформи кои се превземаат во сферата на здравствениот систем, како што е обуката на лекари и размена на медицински персонал, реконструкција и опремување на болниците и подобрување на квалитетот на здравствените услуги.

Претседателката на Светската здравствена организација за Европа Зузана Јакаб го поздрави напредокот кој е направен во поглед на реформскиот процес, како и видливите влијанија од реформите кои се превземаат во тоа поле. Јакаб посочи дека ја поддржува работата на Владиниот комитет за здравје и животна средина, како и фактот што со него претседава Претседателот на Владата што пак го покажува нивото на внимание и посветеност на Владата кон преземање на ефективни чекори во поглед на зачувување на здравјето на граѓаните и унапредување на здравствениот систем.

Истовремено, претседателката на СЗО за Европа Јакаб даде позитивна оценка за кампањата на Владата за здрава храна и водење на здрав начин на живот, изразувајќи верување дека истата ќе вроди со позитивни ефекти.

Зузана Јакаб меѓу другото изрази и подготвеност за остварување на продлабочена соработка меѓу Владата и Светската здравствена организација во насока на изработка на владината стратегија за здравје која треба да се однесува на претстојниот неколкугодишен период. Таа посочи дека тие како организација со своите искуства и знаења се подготвени да ја поддржат имплементацијата на таа стратегија и да ја продлабочат соработката во повеќе други сфери од взаемен интерес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.