Груевски- Рејндерс: Македонија и Белгија во одлични односи, напредок во економската соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска оствари средба со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Кралството Белгија,  Дидие Рејндерс.

На средбата беа поздравени одличните билатерални односи помеѓу двете земји кои се развиваат во духот на пријателството и меѓусебното почитување, како и интензивирањето на соработката во сферата на економијата и трговската размена.

Во таа насока беше констатирано дека постои солидна основа за понатамошен напредок на економската соработка, како и стимулирање на соработка помеѓу бизнис заедниците од двете земји.

Премиерот Груевски посочи дека Република Македонија има позитивно искуство од инвестирањето на белгиската компанија „Ван Хул“ за производство на автобуси која што придонесе и за привлекување на други компании кои работат како добавувачи на оваа белгиска компанија. Тој истакна дека постои потенцијал кој треба да се искористи дополнително во насока на збогатена економска и трговска соработка.

sredbagruevski22

Соговорниците разговараа за реформите кои се спроведуваат во Република Македонија и за актуелната политичка состојба, при што премиерот Груевски ја истакна стратешката определба на нашата земја за интеграција во евро-атлантската заедница и за унапредување на стандардите во сите општествени сфери.

Заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Кралството Белгија Дидие Рејндерс изрази задоволство од воспоставената соработка и унапредувањето на заедничките односи. Тој упати поддршка на европските интеграции на Република Македонија, посочувајќи го интересот на Белгија за побрзо интегрирање на целиот регион. Тој изрази уверување дека со заеднички напори во наредниот период  ќе се успее да се зајакне билатералната економска соработка која претставува приоритет на владите од двете држави.