Македонија

Груевски упати честитка по повод празникот Рош Хашана

Груевски упати честитка по повод празникот Рош Хашана

По повод празникот Рош Хашана, Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Гуевски упати честитка до Претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо – Николиќ, како и до членовите и припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија.

Груевски упати честитка по повод празникот Рош Хашана
Груевски упати честитка по повод празникот Рош Хашана

Во продолжение проследете го интегралниот текст од честитката на премиерот Груевски:

Ми претставува чест и особено задоволство, во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија, да ви ја честитам Рош Хашана, со искрени желби за среќна и успешна нова година.

Празникот што го прославува еврејскиот народ на овој ден претставува симбол на новите почетоци, на прифаќањето на минатото и на смело зачекорување кон непознатото кое го носи иднината. Исчекувањето, можноста за остварување на соништата и желбите во времето кое доаѓа ни дава сила да се соочиме со секојдневието, ни ги ослободува умот и душата и им дозволува да живеат необременети од стегите на минатото. Истовремено, очекувањата од иднината нè упатуваат на пат кој води до посакуваните резултати и до успесите кон кои се стремиме. Овој празник носи длабока мудрост пренесувана низ генерациите на еден народ која нè учи дека човек секогаш треба да гледа напред, но и дека за да се исполнат желбите потребно е да работиме, да бидеме вредни, да сме добри и дарежливи зашто само тогаш можеме да очекуваме да бидеме благословени со истата среќа, радост и милост со кои и самите сме ги дарувале другите.

Честитајќи Ви ја уште еднаш Рош Хашана, од сè срце Ви посакувам добро здравје и многу среќа и бериќет Вам и на вашите семејства во Новата 5.776 година.

Лашана това.