Груевски: СДСМ ги намалува капиталните расходи а ги зголемува даноците со што прави катастрофални грешки во економијата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во Битола во понеделникот забележа дека со предложениот ребаланс на Буџетот за 2017 година се намалуваат капиталните расходи, односно инвестициите, и оти се намалува растот што е директно поврзано со намалените капитални расходи, како и дека зголемувањето на даноците ќе има повеќекратни штети врз економијата.

„Капиталните расходи, односно инвестициите од Буџетот се една од компонентите што го движат развојот на економијата и како последица на тоа природно е да се намалува растот на економијата што не е добро, тоа е лошо. Ова што го прават (СДСМ – з.р.) со патиштата, запирањето на градба на два автопата со цел да прикажат дека нешто недостасува, дека тие ќе го решат проблемот и со цел да покажат божемна своја активност, всушност директно лошо влијаат врз економијата. Сосила се прават проблеми, трасата била погрешна…, измислени проблеми, а проблеми што се решаваат во од’ исто така не се причина за запирање на градбата на автопатите“, рече Груевски при посетата на Битола одговарајќи на новинарски прашања во врска со предложениот ребаланс на Буџетот.

Според него, е јасно дека обидувајќи се да соберат поени всушност кочат крупни инвестициски проекти како што се градбата на автопатот Кичево – Охрид, автопатот Скопје – Штип, закочен е Клиничкиот центар во Скопје.

Груевски смета дека во економијата се прават катастрофални грешки кои на крајот завршуваат на грбот на народот.

„Тие во својата програма имаат најавено зголемување на персоналниот данок на доход, но и од медиумите и од некои други извори иформиран сум дека планираат зголемување и на данокот на добивка и на придонесите и дека тоа планираат да го прават постепено, не оддеднаш. Значи за да не ги шокираат граѓаните оддеднаш со поголемо зголемување на повеќе даноци, планираат постепено, за луѓето помалку да имаат можност тоа да го почуствуваат. Тоа ќе биде многу лошо прво за компаниите, за инвеститорите, затоа што ќе си влоши условите за работа, ќе ги зголеми нивните трошоци и ќе ги присили да ги намалат инвестициите, штом ги намалат инвестициите практично ќе дојде и до намалување на нови работни места“, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и проанешен премиер појасни дека целта на намалувањето на даноците била да се привлечат инвестициите и да се отворат поголем број работни места и во тоа се успеа. Македонија, посочи Груевски, стана држава со најниски даноци во светот, со ефективна даночна стапка од 7,4 проценти, и тоа стана еден вид бренд за Македонија, по што започалп да се зборува во светот на инвеститорите, вклучувајќи ги и крупните инвеститори, за Македонија како земја со најниски даноци.

„Почна да биде нешто препознатливо за нашата држава во светот на бизнисот и неслучајно почнаа да доаѓаат многу инвеститори. Тие не доаѓаа само заради тоа, доаѓаа и заради другите услови што ги нудиме,но една од компонентите што ги привлекуваше беше тоа што имавме најниска даночна стапка од 7,4 проценти којашто е сублимат на сите даноци што постојат во Македонија. Штом ќе почнат да се зголемуваат даноците, практично ќе ја изгубиме таа придобивка, односно ќе изгубат инвеститорите и тие ќе го намалат интересот за инвестирање во Македонија, како странските така и домашните или пак ќе ги одлагаат инвестициите, ќе се воздржуваат, ќе одат на помали инвестиции, сето тоа ќе значи помалку работни места“, изјави Груевски.

Потсети дека даночната политика која ја спроведуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ отвори 172.000 нови работни места во Македонија.

„Ние со оваа политика отворивме 172.000 нови работни места, ако порано имаше 560.000 вработени во Македонија, сега има за 172.000 повеќе вработени, што значи таа политика даде добри резултати. Ако нешто даваше перфектни резултати, тоа беше даночната политика и јас не можам да го разбрам СДСМ зошто одат да го рушат тоа што даваше најмногу резултати, по прашањето што луѓето најмногу ги интересира, а тоа е невработеноста“, конкретизираше Груевски.

Кажа дека покрај тоа зголемувањето на даноците ќе ја намали и конкурентноста на компаниите, затоа што ќе се зголемат трошоците, каде што влегуваат и даноците. Со што, како што објасни Груевски, тие ќе станат помалку конкурентн, како на домашниот, така и на меѓународниот пазар. Рече дека има и други причини поради кои тоа ќе направи многу штети.

„Зголемувањето на даноците не мора да значи дека ќе има повеќе приливи во Буџетот, тоа многу често ја зголемува и сивата економија, а сивата економија може да значи и намалени приходи во Буџетот, така што ако имаат планови дека со тоа сигурно ќе им се зголемат приходите, тоа е нестабилна, гнила даска, не мора да значи дека така ќе биде“, додаде Груевски.

Рече и дека Македонијасо намалувањето на трошоците не само што станала поконкурентна, македонските производи поконкурентни, не само што станала атрактивна за инвеститорите, туку имало и други придобивки, како што е намалувањето на даночната евазија. Бидејќи даноците биле ниски, а казните високи, па инвеститорите не сакале да ризикуваат, но оцени и дека сега нема да биде така.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.