Груевски: СДСМ ги преполови капиталните инвестиции, индустријата оди надолу, градежништвото тоне

Остануваат уште само неколку дена и мигот на одлучување од кој ќе зависи по кој пат Македонија ќе тргне, дали ќе продолжи слободното паѓање или ќе започне новата ера во Македонија. Се приближуваме до 15-ти октомври. Вие добро знаете дека ова не се обични локални избори, вашата одлука е многу важна – не е само, уште една обична одлука, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот во Валандово.

-Гласајќи локално испраќаме силна порака и на централно ниво. Вашата одлука е конечна. Вие го имате последниот збор. Ова е ваш град, наша држава, Ваша одлука. Запомнете дека само граѓаните на Македонија, вие одлучувате за заедничката иднина, за иднината на нашите градови и за иднината на нашата држава. Ние ја добиваме нашата моќ и сила од Македонија и народот на оваа земја. Нашата сила произлегува од нашата љубов кон нашиот народ и нашата љубов кон нашата земја. Ја сакаме нашата земја, со целиот наш народ, сите градови, сета радост, ентузијазам и возбуда, посочи Груевски.

Тој потенцираше дека се партија на граѓаните на Македонија и дека се гаранција за силна Македонија.

-Во изминатиот период од 5 месеци видовме катастрофална економска политика од новодонесената залепена власт. Имаме преполовени капитални инвестиции, индустрија која оди надоле, градежништво кое тоне, а со него уште 25 други индустриски гранки кои се поврзани, странски инвеститори кои планираат да си заминат, а нови нема. Извоз кој опаѓа, девизни резерви кои секој ден се топат. Просечни плати кои наместо да растат опаѓаат. Просечната плата за неколку месеци опадна за 420 денари наместо да расте за 500 евра како што ветуваа. Пензии чие зголемување е укинато, субвенции за земјоделци кои се најавија дека од следната година ќе ги нема за оној кој ќе има помал придос од оваа, а го нема ни ветеното зголемување од 10 проценти на субвенции. Ова е сликата за денес. Сиромаштија која расте, а граѓаните ја губат сигурноста. Афери кои се случуваат на дневна основа. Тендери кои си ги делат на луѓето од власта. Ветуваат воздух и живот, ама така апстракно, несуштински, ветар и магла. Колата тргна надоле. Ова допира и влијае на сите граѓани. Ова се однесува на судбината на секој од вас. Се работи за нашата држава, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој им се обрати на оние кои гласаат за СДСМ и ги повика да му се придружат на ВМРО-ДПМНЕ и нивните напори.

-Да се обединиме и да направиме посилна Македонија. Лицето кое е претседател на СДСМ не вреди, заслужувате подобро. Затоа што овој човек не е загрижен за намалување на невработеноста, за развојот и напредокот на нашите градови и села и општини, за обезбедување на среќата и спокојството на сите граѓани и нивните семејства. Погледнете дека тој не е загрижен за земјоделците, работниците, невработените. Тој ги нема сите во неговата агенда.Тој нема љубов кон знамето и татковината. Ова првенствено се должи на неговата единствена агенда: Груевски. Тој за мене зборува 24 часа на ден. Зошто? Тој многу добро знае дека нема капацитет и способност да превземе одговорност за она што треба да го направи и да го надгради она што ние досега сме го направиле. Тој нема храброст да ги реализира сите решенија и проекти што ги замислуваме за нашата земја. Тој воопшто не може да ја оствари визијата и соништата што ги подготвуваме за Македонија, вели Груевски.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ знае како да обезбедат работа.

-Ги знаеме општините. Знаеме како да создадеме урбани средини. Ние знаеме како да им служиме на луѓето. Другите немаат идеја за сето тоа. Ние обезбедуваме работа, тие обезбедуваат празни зборови. Ние испорачуваме резултати, тие даваат магла. Се стремевме кон раст и развој за нашата земја. Се стремевме да реализираме проекти и услуги и да ја заштитиме нашата земја. Што и да прават, да фрлаат кал на нас, да измислуваат лаги за нас и да генерираат празни зборови ќе продолжиме да создаваме проекти и да работиме за сите наши сограѓани. Нашата агенда сте вие. Ја имаме само Македонија во нашата агенда, дециден е Груевски.