Груевски: СДСМ и полицијата го штитат криминалот- криминалците на слобода, а патриотите по затвори

Станавме држава во која полицијата наместо да апси криминалци, таа го штити криминалот. Но, забораваат. Можеби сега се во облаците, но колку повисоко летаат падот ќе им биде поголем. Колку повеќе се закануваат, толку повеќе сме непокорни.  Колку повеќе сакаат да внесат страв, толку повеќе ќе им порачаме дека не им се плашиме. Ова го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на средбата со граѓани во Демир Капија.

-Забораваат дека ние сме ВМРО и дека во нас гори таа пркосна идеја која се спротивставила на многу поголеми и пострашни закани од овие неспособни луѓе. СДСМ немаат никакви проекти, немаат програми и затоа зботруваат за воздух, за ветер и за магла. Видоа дека не можат да се мерат со работа и затоа удрија на криминални избори. Во првиот круг видовме како СДСМ спроведува избори- страв и притисоци на сите страни. Во Македонија спроведоа африкански избори. Стигнавме на рангот на Сомалија и Кенија. Скршен череп на градоначалник, убиен носител на советничка листа, следени кандидати за градоначалници, испокршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ, слики на партиски активисти во натпревар чич пиштол е поголем и подобро пука, а полицијата молчи. Молчи затоа што е соучесник во сите овие работи. Секој ден со име и со презиме дознаваме како потплаќаат гласови, информираме, но нема реакција. Следниот ден истата песна ја продолжуваат. Но нема да не скршат, нема да им дозволиме да не скршат затоа што народот гледа што се случува,  вели Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им порача на СДСМ дека сето она што сега го прават ќе им се врати како бумеранг и ќе има одговорност.

-Крајната цел на сето ова што го прават е да се сузбие секој слободномислечки Македонец кој се грижи за својата држава, секој кој си ја сака својата земја, својот идентитет, своето име, јазик. И преку разни механизми сакаат да делуваат дека сакањето на својата е нешто што не е модерно, дека е демоде, а авангардно и модерно е легализирање на хомосексуални бракови и посвојување на деца од нив, легализирање на марихуана, максимално користење на алкохол и сето она што не е нормално. Нормалното сакаат да го направат ненормално, а ненормалното-нормално. Во таква држава живееме овие пет месеци.Секој кој ќе помисли да ја штити државата, како што беше на 27-ми април, секој кој снимал документарни филмови за македонската историја, за македонските херои или кој бил вклучен во градба на споменици на македонските херои кои ги дале животите за нашата слобода, треба да се плаши дали ќе биде наместен или притиснат или под било каков процес. Криминалците на слобода, а патриотите по затвори. Красниќи на слобода, Темелко во затвор. Убијците на децата на Смилковското езеро ќе ги пуштаат на слобода, а дедото за кубење на коса 4 години во затвор, истакна Груевски од Демир Капија.

Тој рече дека немилите настани од 27-ми април биле намерно испровоцирани и биле реакција на акцијата за нелегален избор на претседател на Собранието.

-Што се случи? Со помош на надворешни фактори од ноторен криминалец и национален предавник како заев, да се направи жртва. Овие луѓе треба да се ослободат и ние ќе направиме се во рамките на институциите тоа да се случи. Тие можеби погрешија што влегоа во парламентот и физички нападнаа, но беа испровоцирани да го направат тоа. Гледајќи какви се криминалци се пуштаат на слобода и најавените над 1000 амнестии на тешки криминалци ние велиме, што е тоа што тие го направија во споредба со овие криминалци што се пуштаат на слобода и затоа велиме да се ослободат и да престане прогонот против нив, порача Груевски.

Груевски посочи дека просечната плата наместо да расте, како што ветуваше СДСМ, таа опаѓа. Ветуваа дека пензиите ќе се зголемат, не се зголемија, се запре зголемувањето на пензиите. Стандардот не оди нагоре, туку се намалува.

-Погледнете, ниту се зборува за платите на докторите, на лекарите кои ги ветуваа, ниту за субвенциите на земјоделците, за повисока просечна плата, пак, да не зборувам. Сето ова го заборавија, но не заборавија да склучат штетен договор со Бугарија, со кој што без да го прашаат народот се согласија од откажување од македонското малцинство таму, од македонскиот јазик и од македонската историја. Се согласија да се сменат учебниците од македонската историја и во иднина нашите деца да учат дека Илинденското востание било бугарско, а не македонско, дека  11 октомври не било пукање на првата пушка против фашизмот во Македонија од страна на македонскиот народ, туку идеолошки конфликт меѓу бугарското население во Македонија, меѓу левицата и десницата, посочи Груевски.

Потенцира дека на сето тоа СДСМ се согласиле без да го прашаат народот и повика на рефендум, за граѓаните да кажат што мислат за договорот со Бугарија.

-Ова е само предигра. Целта на сето ова што ни се случува е промена на името на државата, јазикот, нацијата, промена на идентитетот. Исто така, во овој пакет кој што тие го нарекоа редефинирање, освен промената на името, идентитетот, освен штетниот договор со Бугарија, се планира и двојазичност на целата територија преку Законот за двојазичност, кој што неуставен, но го туркаат. Планираат исто така, зголемување на даноците, носење на мигранти во Македонија и нивно трајно доселување по нашите градови, давање на државјанства. И се разбира, она за што веќе почнаа да подготуваат терен, а тоа е легализација на хомосексуалните бракови и можност истите да посвојуваат деца, нагласи Груевски.

На функционерите на СДСМ им порача дека неколку години од сега ќе се срамат кога ќе треба да се сретнат со граѓаните на Македонија.

-Ќе одите со наведната глава, а вашиот товар и срам нема да може да се заборави. Иако имате богати спонзори,  вие ги немате парите со кои можете да го купите достоинството на народот на Македонија. Нема лезет од вас добиен од криминал. Нема аир од функции добиени лажејќи го и притискајќи го народот. Ќе се обратам и до оние кои се уште не се определени, а се загрижени од она што и се случува на нашата држава. Знам дека не ви е сеедно кога гледате што ви се случува и знам дека длабоко во себе ја чувствувате опасноста во која ја втурнуваат овие неспособни луѓе нашата држава. На дел од вас се закануваат, а дел ветуваат се и сешто, а реално нема ништо да остварат, истакна Груевски.

Тој побара од неопределените да се спротивстават на ваквото делување на СДСМ и да го дадат својот глас, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ се секогаш тука, кога на Македонија и на Демир Капија тоа им е потребно.

-Тие што владеат со криминалци и со корупција треба да знаат дека нема хунта која не била победена од народ. Дека нема помрачување кое не било осветлено од народот, порано или подоцна. Лажеа дека се борат против режим, а тие станаа најголем режим. Лажеа дека нема слобода и демократија, прво нешто што направија кога дојдоа на власт – ја укинаа демократијата. И секој ден, чекор по чекор, ја одземаат слободата. Велеа дека нема независност на медиумите, а прво нешто што направија кога дојдоа на власт, ги уценија газдите на медиумите и ја одземаа нивната независност, потенцира Груевски.

Посочи дека СДСМ велеа дека ќе работат, а секој ден граѓаните гледаат како се краде и назадува.

-За ова ли се бореа? Да има техничка влада пред превремени избори? Да има премиер, Министерство за внатрешни, за труд и социјална политика, заменици за администрација, за земјоделие? Оваа држава е на овој народ и нема да му биде одземена. Порачувам дека нема да не скршат, нема да не поколебаат, ниту да не уплашат. Заеднички ќе се спротивставиме сите ние, граѓаните на Македонија. Да не дозволиме апсолутна власт во државата, да не дозволиме да станат монарси и шерифи. Да не дозволиме да ги одземат бастионите на ВМРО-ДПМНЕ. Од нас зависи, порача Груевски.

Во сите години на власт на СДСМ, па и во овие 5 месеци сега, од почетокот на мандатот, не направија ниту еден проект за Демир Капија. Во 2006 година во Демир Капија имаше вкупно 430 вработени во целата општина, на крајот на минатата година бројот на вработени изнесува околу 1.100 луѓе. Така ќе продолжиме и во иднина.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска беше во посета на Демир Капија.

-Истовремено ќе обезбедиме учениците од прво до петто одделение да имаат бесплатен и здрав оброк во училиштето. Општина Демир Капија и Трајче Димитриев ќе овозможат можности за граѓаните за стекнување на сопствен дом по симболична почетна цена од само 1 евро по квадратен метар на земјиштето и ќе ги укинеме и намалиме трошоците за комуналии за градба на куќа. Нудиме и концепт во кој нема да има неасфалтирана и неосветлена улица. Ќе се подобри и системот за водоснабдување, рече Груевски.

Додаде дека, покрај во патната, ќе се инвестира и во делот на образовната инфраструктура, ќе се изградат и повеќе игралишта низ општината.

Ова се само мал дел од проектите кои се вметнати во програмата на Димитриев.

-Димитриев беше секогаш тука кога требаше да се помогне на некој индивидуалец, на некое семејство и секогаш кога можеше помагаше, сега е време да му се даде поддршка, со целото досегашно негово знаење и искуство да продолжи да ја води Демир Капија во правец кој ќе биде најдобар за сите жители, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.