Груевски: СДСМ им нанесе економски неправди и лаги на граѓаните

Со зголемувањето на акцизите за нафта кое го направи новата Влада, на секое семејство на годишно ниво ќе му се одзема по една просечна плата, а ова не го најавија пред изборите во декември минатата година, истакна во неделата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на Маршот за правдината и татковината.

„Ова е директен удар и за градежништвото кое тоне, за такси превозниците, за автобуските компании, за обичниот човек. Неправда е што најавуваат и зголемување на персоналниот данок на доход, на данокот на добивка, на ДДВ. Нешто што, исто така, не го најавија пред изборите во декември. Тоа ќе го плаќаат граѓаните“, рече Груевски.

Посочи дека минаа шест полни месеци откако СДСМ е на власт, и дека за тој период не е забележана ниедна странска инвестиција.

„Се откажаа од разговори за инвестирање со 60-ина компании и над 25.000 работни места кои владата на ВМРО-ДПМНЕ им ги остави во наследство. Единствено деновиве се пофалија со една странска турска компанија, но и таа не е од нивно време. Со нив водеше разговори Виктор Мизо и веќе беше направена резервација на две локации во ТИРЗ-Скопје 2, во време кога ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја водеа Владата“, појасни Груевски.

Неправдат претставува,продолжи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа што се излажани вработените на кавадаречкиот металуршки комбинат „Фени“ кој оди во стечај, како и оние на велешкиот погон „Колска“ и на прилепски „Еурокомпозит“ за кои ветените пари за плати пред изборите во декември не се сиплатени.

„Неправда е тоа што го задолжуваат секој еден граѓанин, долгот со девизните резерви за 6 месеци се зголеми за нови 750 милиони евра од кои начнаа дури 230 милиони евра од девизните резерви. НБРМ констатираше дека во третиот квартал, не само што нема нови, странски директни инвестиции, туку дека и постојните добивката ја изнесуваат од Македонија. Така се забележува одлив од преку 50 милиони евра само во еден квартал, а за наредната година ќе се задолжува владата со нови 900 милиони евра“, рече Груевски.