Груевски: СДСМ ја замаглува вистината, граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја

Со чекорите кои СДСМ ги презема, граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за електричната енергија, оцени во неделата поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„СДСМ фрли, условно кажано, димна бомба, дека ќе се воведе евтината тарифа по два часа во денот, а всушност ја исфорсираа либерализацијата којашто, според експертите коишто ги консултирав, ќе доведе до 20 проценти покачување на цената на електричната енергија“, рече Груевски.

Челникот на ВМРО-ДПМНЕ појасни дека ова значи дека она што претходната Влада претходна го правеше, односно забавувањето и развлекувањето на либерализацијата на енергетскиот пазар, за таа да се одвива постепено во еден пет-шестгодишен период, било со цел граѓаните да не го почувствуваат тоа со зголемување на цената на струјата.

„… И покрај тоа што го бараа од нас, но тоа ќе значеше покачување на цената и ние го поделивме тоа за да не дојде до покачување на цената. Сега со доаѓање на новата власт, веројатно и од одредени интереси што ги имаат и луѓе во таа власт или блиски до таа власт, кажаа дека ќе направат брза либерализација до крајот на годината, според експертите можеби не веднаш, но по година-две, ќе доведе до зголемување на цената на струјата за околу 20 проценти“, рече Груевски.

Оцени дека тоа е лошо за корисниците, зашто граѓаните нема да почувствуваат ништо од таа евтина тарифа од по два часа во денот.

„Прво, затоа што евтината струја ќе биде во периодот од денот кога луѓето се на работа, а второ затоа што ќе има такво покачување на цената на струјата што ќе биде далеку поголема отколку минималната заштеда од евтината струја по два часа на ден. Практично, замаглување е проектот за евтина струја во ситуација кога ни продаваат друг проект со кој ќе има сериозно поскапување на цената на струјата и сметките кои ќе дојдат кај граѓаните за плаќање ќе бидат многу поголеми од сега“, објасни и истакна Груевски.

Овој потег на актуелната Влада, Груевски го оцени како сосема погрешен и вели дека дури и луѓе блиски до СДСМ јавно кажуваат дека со овој потег ќе дојде до зголемување на цената на струјата.