Груевски: СДСМ ќе го претрпи десеттиот пораз затоа што го потценува народот

На 11 декември СДСМ ќе го претрпи 10-от по ред силен пораз затоа што даваат лажни ветувања и го потценува својот народ и затоа што прифаќаат туѓи агенди. Затоа што не веруваат на сопствениот народ. И затоа што планираат да воведат некои работи кои им се понудени од надвор. Затоа што не држат до дадениот збор и даваат лажни ветувања. За нив дадениот збор не вреди ништо. Такви луѓе не можат да ја водат Р. Македонија, порача вечерва од Тетово лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Тој посочи дека СДСМ немаат економски тим и издржана програма, а како резултат на тоа ветуваат нереални проекти.

-Најновите ветувања им се дека социјалната помош ќе ја направат повисока од минималната плата. Сосема нелогично и не треба да си економист за да го разбереш тоа. Ќе ја зголемат просечна плата на 500 евра. Во 2006 просечната плата беше околу 210 евра, а денеска е околу 370 евра. Тоа не се прави со декрет, одлука или закон. Тоа е прави со намалување на невработеноста, со инвестиции. Во секоја пазарна економија е така. Срамота е да се ветува и да се лаже, просечната плата  зависи од тоа колку инвеститори ќе се донесат, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која донесе најмногу инвеститори во Р. Македонија.

-Ние сме тие кои ја направивме Македонија наместо на 94 место да биде на 10 место за правење на бизнис. Ние ја направивме место со најниски даноци на светот. Така се намалува невработеноста. Тоа е реалноста и тоа е чесен пристап. Овој народ е мудар и не подлегнува на обични лаги, рече Груевски.

Груевски истакна дека СДСМ ќе ги изгубат изборите и затоа што, како што рече, кокетираат со нашите сограѓани Албанците, а тоа е дека ќе направат двојазичност и кантонизација на Р. Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.