Груевски: СДСМ ќе и нанесе сериозни штети на државата и на граѓаните

За оставките на пратеничките мандати на СДСМ и најавата за вонинституционално дејствување, премиерот Никола Груевски смета дека таквиот начин на дејствување е виден од страна на Бранко Црвенковски, а сега и од Зоран Заев. Според него, граѓаните нив ги гласале за да работат во Парламентот, а не за да седат дома и земаат апанажа.

„Ние во минатиот период видовме таков тип на дејствување од Бранко Црвенковски, видовме излегување и дебати на улиците, говори на автомобили и слично и видовме како на тоа реагираа граѓаните на изборите.Како Бранко Црвенковски кога излезе на избори каков пораз доживеа и кога Зоран Заев излезе на избори каков пораз доживеа.Сепак тие одлучија повторно да го направат истото и да направат штета за Република Македонија. Што се однесува до апанажите до сега не слушнав, ниту еден коментар дека нема да ги користат, што значи дека избраа да не бидат во Парламентот, а да користат апанажи.Граѓаните не ги бираа нив да земаат апанажи и да седат дома.Граѓаните ги бираа да одат во Парламентот и за тоа да бидат платени,“ изјави Груевски.

Првиот човек на Владата смета дека СДСМ на Македонија и изгледа како возило пуштено во удолница без возач.

„Дејствуваат по инерција и главната стратегија им е да направат што поголема штета на Македонија.Шансата на ваков начин да се загуби препораката на ЕУ е огромна. Мислам дека најсреќен човек во тој момент ќе биде Зоран Заев и ќе скока еден метар во висина ако Македонија ја загуби препораката.Граѓаните тоа го препознаваат, го препознаа во минатото и сега.Тоа не е стратегија тоа е деструктивна политика која ја водеше Бранко Црвенковски, а сега ја продолжува и Зоран Заев.Тоа е на штета на граѓаните на Македонија и државата,“ смета премиерот.

Според Груевски во ситуација на безидејност кога немаат идеи како да постапат и што да понудат, кога излегоа на избори и во првиот круг понудија свои идеи и не ја добија довербата од граѓаните, а во вториот круг ја сменија тактиката.

„Сега веќе без идеи се одлучија на деструктивна политика со која правејќи штета на граѓаните и државата, веруваат дека ќе направат корист за сопствената партија.Мислам дека на следните редовни избори ќе ја доживеат најголемата катастрофа што се однесува до поддршката, односно не поддршката на граѓаните на Македонија. Жалам што во меѓувреме ќе направат сериозни штети не само за државата и за сите граѓани во неа,“ додаде Груевски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.