Македонија

Груевски: СДСМ не донесе ниту една гринфилд инвестиција

Груевски: СДСМ не донесе ниту една гринфилд инвестиција

Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е неспоредливо, потенцира премиерот Никола Груевски на денешната трибина отворена за сите граѓани во Гевгелија.

Тој говореше за привлекувањето на странските инвестиции каде обвини дека СДСМ нема со што да се пофали, па зборува за проекти спроведени од оваа власт, пренесува „Курир“.

„Во времето на СДСМ не се сеќаваме на ниту една гринфилд инвестиција. Го слушам нивниот претседател Зоран Заев говори дека Џонсон Мети и Џонсон Контролс се инвестивции донесени во време на СДСМ. Тој нема што да каже за времето на СДСМ и за проекти кои тие ги спроведоа додека беа на власт, па сега збори за проекти на оваа Влада“, рече Груевски.

Тој потенцира дека времето кога СДСМ беа на власт и времето денес се неспоредливи времиња.

„Неможеме да се споредиме ниту во битката со криминалот и корупцијата. Тогаш се зборуваше за октоподи,но никој не се фати. Тогаш имавме министри во тренерки и афери кои завршуваа со ништо. Сега имаме огромна битка против криминалот и корупцијата. „Кој ќе се фати, тој ќе си плати“, „Нулта толеранција за корупцијата“ е нашето правило со кое ќе продолжиме“, истакна Груевски.

Тој посочи и дека кога СДСМ беа на власт не постоеше закон за јавни набавки, туку тие сами си се договараа кој ќе ја добие набавката.