Груевски: СДСМ не сака да зборува за реални проблеми затоа измислуваат непостоечки работи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска во своето обраќање на Годишната конференција на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и за стратегијата и тактиката на сите оние, како што рече, што смислуваат сценарија за тоа опозицијата што да прави.

-Идејата им е да викаат тотално безначајни фигури кај нивните експонирани новинари, нормално како што дознавме тоа со денови наназад го договараат во детали по домови на разни лица и слично. И да си наметнуваат теми кои тие мислат дека ќе ни наштетат, а кои пак ако се размисли подобро, немаат никаква врска со изборите и со реалните проблеми на луѓето, рече Груевски.

Како пример тој го посочи интервјуто на поранешен разузнавач Слободан Богоевски.

-Слушаме од страна на извесен Слободан Богоевски поранешен разузнавач, осуден човек за криминал, со излежана казна затвор во Идризово, разни квалификации за првиот министер за внатрешни работи на независна Македонија, Јордан Мијалков, лични навреди за него и неговото семејство и слично. Човекот ми е вујко и тоа е единствената негова маана во моментов и причина зошто беше споменат. Човекот е починат пред 25 години, пред точно 25 години.  Значи замислете тие се занимаваат со човек кој починал пред 25 години и не може да им врати да им одговори. До сега Стојан Андов беше експерт за раскажување негативни работи за луѓе од како ќе починат и за себе величање во комуникацијата со нив, сега еве и други се појавуваат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Образложи дека Стојан Андов, а некој ќе  умре, тој одма книга пишува и во емисија ја промовира, во која ни раскажува како го надмудрил или советувал веќе умрениот.

-Колку веќе умрениот бил лош и не доволно паметен, а колку самиот Андов мудар и одговорен. Сега пред изборите се вклучуваат и други некролошки матачи на вода пред избори. До кое дереџе стигнаа? Што и да каже човек околу ова навистина мислам дека ќе погреши и затоа сакам само да потенцирам дека вакви работи ќе има затоа што тоа им е целта.  Да се докажуваме кој е поголем вмровец, кој бил од 90-та, а кој од 91-ва. Дали кога ја слушал песната „Слушам кај шумат шумите“ бил навистина радосен или глумел и слично, рече Груевски.

Тој истакна дека опозицијата ги заборава реалните проблеми на граѓаните, а се грижи за починатите затоа што тие не можат да дојдат и да им одговорат.

-Каде се реалните проблеми на граѓаните? Плати, пензии, социјала, вработувања, секојдневните предизвици, тоа што опозицијата сака да ја редефинира државата? Нив треба да ги заборавиме затоа што опозицијата е свесна дека на тие теми тие не може да добијат ништо. Затоа што, тоа е за живите, кои можат да видат, коментираат, наградат или казнат. И затоа ќе се занимаваме со покојниот Јордан Мијалков и со низа други теми за кои си седат по дома и си ги договараат и ние треба сега во несвест да паднеме, па да чекаме да се јават загрижени сдсмовци за состојбите во ВМРО и слично. Издржавме 2 години, ќе го издржиме и ова. И ова ќе биде една од причините зошто ќе изгубат, затоа што народот го гледа тоа и воопшто не е наивен, потенцираше Груевски.