Груевски: СДСМ нема идеи, ја користи работата на СЈО

Додека СДСМ максимално ја користи работата на Специјалното јавно обвинителство, а нивната кампања се темели исклучиво на активностите на СЈО, ние вработуваме, создаваме дела и на тој начин опстојуваме на политичката сцена, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, запрашан за коментар за случајот „Тортура“.

– Во однос на случајот што вчера беше отворен од страна на Специјалното јавно обвинителство, мислам дека се им е јасно на граѓаните што се случува, зошто се случува и кои се целите. СДСМ максимално ја користи работата на СЈО со реторика која што ним им одговара и во тој контекст можам да кажам дека практично нивната кампања за овие избори се заснива исклучиво на активностите на СЈО. Тие немаат никаква друга кампања, немаат никакви други идеи и додека тие се занимаваат со такви работи ние работиме на отворање на нови работни места. Отворивме 150.000 новокреирани работни места коишто не постоеја досега. Ги зголемивме пензиите на пензионерите во просек за 70 проценти, а најниските пензии за 90 проценти. Донесовме многу нови компании и многу нови фабрики во Македонија. Градиме болници, реконструиравме околу 400 училишта, изградивме нови 70 училишта. Изградивме и градиме многу нови автопати, регионални и локални патишта, создаваме дела и на тој начин ние работиме и опстојуваме на политичката сцена. Тие на оној начин, а ние со создавање дела, со реформи, со мерки, со проекти коишто помагаат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, кој присуствуваше на отворањето на изложба од вториот на Министерството за култура конкурс за откуп на уметнички дела.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.