Груевски: СДСМ подготвува терен да ги прогласи изборите за нерегуларни

Премиерот Никола Груевски, на митингот пред жителите на општина Бутел, вечерва предупреди за манипулациите и лагите на СДСМ, кои според него, ќе следуваат по завршување на изборите.

„Се виде народот на кого ја дава довербата. Го слушам претседателот на СДСМ, оној поставен од Бранко Црвенковски, подготвува терен како и во првиот круг да кажат ако изгуби СДСМ дека изборите не биле регуларни. Секогаш кога СДСМ е на власт, изборите се регуларни, а кога се во опозиција тие се нерегуларни. И така и сега најавуваат, отворено зборуваат дека и овој пат ако не победат ќе ги прогласат за нерегуларни“, истакна Груевски.

Тој додаде дека СДСМ нема поднесено ниеден приговор до Државната изборна комисија околу нерегуларностите на изборите.

„Во првиот круг им го гледам паметот, заборавија барем една забелешка да достават до Државната изборна комисија, немаат ниту еден приговор од СДСМ. Ниту еден не стигна во дик за нерегуларности на изборите. Заборавија барем за алиби да достават 50-100 забелешки да има простор за лагите што ги кажаа и да се темели нивното кажување за нерегуларните избори. Толку им е паметот, толку е насобран тој гнев, толку е нервозата насобрана што забораваат и лагите да ги поткрепат со алиби“, изјави тој.

Премиерот повика на масовна излезеност и двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, победа на Ѓорѓе Иванов за претседател и победа со 62 места во парламентот.