Груевски: СДСМ се обидува да создаде привид дека има неправилности во Избирачкиот список

Гласачи на избори се сите лица кои имаат државјанство, а не оние кои живеат на онаа или оваа адреса. СДСМ се обидува вештачки да создаде привид дека има некаков хаос и неправилности во Избирачкиот список се со цел да си создадат алиби за својот неуспех затоа што се свесни дека мнозинството граѓани не сакаат да гласаат за нив. Тие не може да се соочат со тоа и да излезат пред нивното членство и да кажат дека изборите ги изгубиле чесно, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Посочи дека основен и единствен услов некој да гласа на изборите е да е државјанин на Република Македонија и оти дали живее на едно или друго место е друго прашање, исто, како што рече, како што е и друго прашање дали навреме ја пријавил адресата.

Овој гласачки список со адресите во него е истиот во последните 20, 30 или повеќе години. Отсекогаш во Македонија имало лица кои ги менувале адресите, а не ги пријавувале и тоа не е некакво кривично дело. Но, тоа во овој случај се злоупотребува од страна на СДСМ. Кривично би било доколку едно лице гласа на две места, но во овој случај немаме таква ситуација, само имаме дека некој граѓанин се преселил од едно на друго место, а не ја пријавил адресата во МВР најчесто затоа што и не знае дека треба да се пријави.

Она што е најважно во целата оваа ситуација, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, е што СДСМ е свесен дека ќе изгуби на изборите како што знаат 80 проценти од граѓаните и ја користат ситуацијава да создадат една перцепција на хаос, што е главната цел на СДСМ во овој период.

Тие глумат како се подготвуваат за избори, а од друга страна секојдневно се обидуваат на различен начин да создадат привид дека има некаков хаос во избирачкиот список. Тоа го прават со една единствена цел кога ќе дојде време за распуштање на Парламентот и поднесувањето на листите на пратеници да не излезат на избори или ако излезат по изборите да прогласат дека се било нерегуларно и дека не ги признаваат изборите, истакна Груевски.

Смета дека тоа е валкана политичка игра од партијата која, како што рече, досега имаше пет претседатели на ДИК.

Кој им бранеше на тие претседатели на ДИК да ги читаат адресите и да одат да ги видат кој каде се преселил… Пет претседатели на ДИК ја раководеа институцијата и не им пречеа адресите какви што се. Не им пречеа адресите на СДСМ во 2002 кога победија на изборите, во деведесетите кога победуваа на избори, не пречеше ни на ВМРО кога победи во 98, во 2006, туку им текна сега. Уште еднаш повторувам дека адресите не гласаат, туку гласаат луѓе коишто мора да се државјани на Република Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцира дека досега не е забележан случај некој да злоупотребил адреса и да гласал на две места. Ако некој направил така, додаде Груевски, треба да си сноси одговорност.