Груевски: СДСМ со штетни договори оди спротивно на народната волја

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од денешниот митинг во Ресен истакна дека СДСМ одат спротивно на волјата на народот.

-Склучија штетен договор со Република Бугарија, ние немаме ништо против Република Бугарија, напротив, сакаме да имаме пријателски односи, сакаме да бидеме сојузници, имаме и причина соседи сме. Сме имале разни моменти низ минатото, зошто да не е така. Сакаме да се склучи договор за добрососедство, се е тоа во ред. Меѓутоа, да се склучи договор без воопшто да се преговара за неколку точки кои се многу важни и чувствителни за нас, да се прифатат од прв момент само за некому друг да се допаднат, а не на граѓаните, тоа е штетен договор. Секоја чест за премиерот на Бугарија што за неговата земја успеа д да прави таков договор, но нашиот народ ќе си каже на 15 октомври што мисли за договорот со Бугарија, посочи Груевски.

Вели дека Владата се подготвува на ист начин да го надмине спорот со Грција.

-Практично само чекаат да завршат локалните избори, а не го ни кријат тоа многу, многу. И за тоа на 15 октомври народот, и овдека во Ресен, вие, ќе си го кажете мислење, нагласи Груевски.

Потенцира дека народот ќе си го каже своето мислење и заради тоа што во овој период СДСМ го обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ дека тие се криви за споровите со соседите.

-Не биле другите виновни што барале негова промена. Ние сме биле виновни, епа вие ако се чувствувате виновни кажете си го тоа на 15 октомври и гласајте за нив, ако не се чувствувате виновни тогаш ќе гласате за ВМРО-ДПМНЕ и ќе испратите порака до СДСМ. Конечно народот ќе си го каже своето мислење за целата оваа демагогија со која се потценува неговото мислење односно неговиот интегридет, со која се потценува интелигенцијата на сиот народ во Македонија. Погледнете, водат кампања со апстрактни зборови, со демагогија, со нешто општо. Ќе донеле живот, небаре Господ се тие, ќе донеле воздух, ќе донеле енергија, ќе ја видат енергијата на овој народ и ќе го почувствуваат и воздухот кога се губи убедливо од народот, оној кој го потценуваат, рече Груевски.

Истакна дека народот ќе си го каже мислењето за сите обиди кои ги прави СДСМ за да го прикрие своето неработење и негрижа за народот.

-Кршењето на волјата на народот преку секојдневни хајки  и политички прогони на опозицијата и на политичките неистомисленици, и за тоа на 15 октомври ќе си го каже своето мислење, рече Груевски.

Потенцира дека народот ќе го каже своето мислење и за притисоците кои власта секојдневно ги прави на медиумите, администрацијата, судството и судските работници.

-За 15 дена, 15 кривични пријави за судии кои треба да судат независно, да судат непристрасно, без страв, без закана, за да донесат пресуда или одлука каква што тие сакаат, нагласи Груевски.

Потенцира дека власта – странските инвестиции ги третира како непожелни, како натрапници, наместо да ги третира како компании кои ризикувале дел од своите пари за да отворат тука бизнис и да вработат луѓе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.