Груевски: Се решава уште едно барање и потреба на граѓаните

При теренските посети и средби со граѓани од кој последната во Радовиш, Ораовица, од одреден број на граѓани и домаќинства беше посочено дека својот имот не може да го запишат во катастар и да стекнат имотен лист и легална сопственост поради потребата за изработка на елаборати кој инаку не се бесплатни, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот ФБ профил.

Тоа се домаќинства кои ја пропуштија можноста која беше достапна до 2012 година, целокупната градежно-техничка документација кои ја поседуваат за своите изградени објекти да ја достават до катастарот со цел покрај парцелите во катастарот бесплатно да се запишат и објектите. Проценките се дека 5.000 домаќинства кои поседувале градежно-техничка документација во тој период поради разни причини не се одѕвале на поканата и не ја искористиле можноста за бесплатен премер на нивниот објект и бесплатно запишување во катастарот на недвижности. Имајќи го во предвид горното, дека за една група на граѓани се изготвувале бесплатни геодетски елаборати а за друга не, како и што беше ветено при средбите со граѓани Владата на Република Македонија усвои измена на Законот за катастар на недвижности со кој на барање на оваа категорија на граѓани катастарот ќе изготви бесплатни геодетски елаборати за сите објекти за кои градежно техничката документација била издадена до влегувањето во сила на катастар на недвижности за предметната катастарска општина, напиша Груевски.

Груевски додава дека постапката е предвидено да биде многу едноставна, граѓаните кои поседуваат ваква градежно-техничка документација ќе треба да се обратат во едно од 30 те подрачни одделенија на катастарот каде што ќе треба да пополнат барање и остават контакт телефон, по што екипи од катастарот ќе излезат на лице место ќе направат премер на објектот и ќе изготват бесплатен геодетски елаборат кој заедно со градежно-техничката документација ќе биде основ за запишување на правото на сопственост на објектот и добивање на имотен лист за истиот.

Наредно што престои е по овие измени да одлучи Собранието. Очекувам да го усвои овој закон и да придонесе во остварување на интересот на граѓаните. Оваа можност ќе значи заштеда за буџетите на граѓаните. Продолжуваме да работиме на реализација на барањата и да придонесуваме за доброто на сите граѓани, напиша Груевски.