Груевски се сретна со амбасадорите Жбогар, Бејли и Бјорнстад

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера заедно со партиските функционери Владимир Ѓорчев, Александар Николоски, Никола Тодоров и Никола Попоски имаше средба со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, соопшти партиската прес-служба.

На состанокот, амбасадорот на Европската Унија Жбогар покрај честитката за успешно спроведените избори, пренесе неколку пораки од Брисел, поточно пренесе дека Брисел цени дека изборите биле слободни и фер, имало голема излезност, дека тоа е многу позитивно примено во Брисел и дека иако имало многу негативни претпоставки во однос на изборите и изборниот ден, сепак имаше мирна кампања и мирен изборен ден. Амбасадорот додаде дека Брисел очекува Парламентот што поскоро да почне да работи и да се избере влада, и потенцираше дека е добро доколку се обезбеди поширока подршка во Парламентот поврзана со реформската агенда која е дел од процесот од зачленување во ЕУ. Тој нагласи дека Брисел повикува на лидерство  со цел протестите пред  ДИК да не излезат од контрола и изрази загриженост од реториката која се користи од дел од говорниците во демострациите. Нагласи и дека ЕУ не се меша во работата на ДИК.

Од страна на партијата е изразена благодарност за честитките за слободните и фер избори.

Се потенцира дека партијата е повеќе од две години загрижена од реториката, но и активностите кои беа преземани при протестите кои се случуваа во Македонија, како што беа палењето на канцелариите на претседателот на државата, кршење и уништување на државен имот, обидите за насилно влегување и палење на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, што беше спречено од полицијата, и редица други слични постапки. ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека подржува мирни демонстрации и не подржува говор на омрза, но дека жали што Брисел и меѓународната заедница не изразуваше ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрациите. ВМРО-ДПМНЕ се согласи дека европската агенда треба да е приоритет на новиот Парламент и на новата влада, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

gruevski-zbogar

– ВМРО-ДПМНЕ изрази разочараност од некои одлуки на ДИК кој се обидува да изврши постизборен инжињеринг, по што следеа детални информации околу скандалозното гласање на ДИК за поништување на едно избирачко место, базирано на изјава на личност дека не гласала, а истовремено сите членови на изборната комисија потврдија дека на прстот на лицето кое вели дека не гласало имало видливи траги од спрејот кој се става кај секој гласач.

ВМРО-ДПМНЕ информираше дека на  ДИК му беше предочено дека веќе постои судска пракса во Република Македонија, преку веќе донесена судска одлука, со која одлука е одлучено дека во случај ако на некое лице му било ускратено правото на гласање, истото лице имало право да бара заштитата на своето избирачко право, и нема основ за поништување на истото изборно место, посебно ако се земе во предвид, дека тој глас нема влијание на конечните резултати.

Амабасадорот потенцираше дека тие не ги коментираат одлуките на независни државни институции, каква што е ДИК, и колку што разбира конечната одлука треба да ја донесе Управниот суд доколку има жалба на одлуките на ДИК.

На крајот на средбата амбасадорот уште еднаш посочи дека очекува лидерство во правец на неескалирање на состојбите, на што беше одговорено дека неможе да се предвиде што ќе се случи, бидејки има голем број револтирани граѓани чии постапки неможе да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат согласно законот, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со партиските функционери Никола Тодоров, Владимир Ѓорчев, Александар Николоски вчера оствари средба и со амбасадорот на САД, Џес Бејли.

Амбасадорот на САД, како што информираат од партијата, на средбата се интересирал за неколку прашања.

– „На прашањето за плановите за понатамошно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ беше одговорено дека коалициите ќе зависат покрај од ВМРО-ДПМНЕ, и од другите политички партии, кои покрај одлуката која треба да ја донесат внатре во партиите имаат влијание и од други надворешни фактори.

На прашањето на амбасадорот Бејли за какви надворешни фактори станува збор, се одговори дека за тоа присутните немаат овластување да го информираат.

На прашањето на амбасадорот Бејли дали во тој поглед може нешто да помогне, беше одговорено дека неможе да помогне пред се затоа што улогата на амбасадорот е да ја следи состојбата во земјата и да ја информира неговата земја за случувањата. На забелешката на амбасадорот дека досега тој многу помогнал, му беше изразена благодарност за тоа. Стана збор и за скандалозната одлука на ДИК за поништување на избирачкото место бр 0396-1 во општина Гостивар, и беа објаснети деталите за незаконската одлука на ДИК.

Амбасадорот апелираше дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат, и праша која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК, на што беше одговорено дека партијата не  е во можност во моментот да му одговори на тоа прашање. Беше прашано дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува одлуките кои ДИК ќе ги донесе. Беше одговорено дека прашањето е хипотетичко и дека ќе бидат поддржани одлуки кои се во согласност со законот.

Амбасадорот Бејли  потенцираше дека САД се пријатели на Република Македонија, иако некои членови на партијата според неговото мислење не го делат тој став. Беше одговорено дека ВМРО-ДПМНЕ нема дилема околу членството во НАТО, ЕУ и односите со САД, а најдобар доказ за тоа е потпишаната декларација за стратешко партнерство, но дека тоа незначи дека некој поединеци, партијата или дражавата неможе да изрази некое несогласување со некои чекори на поединци кои ги преставуваат САД, стои во соопштението .

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претставици на партијата претходно имале средба и со норвешкиот амбасадор, Арне Санес Бјорнстад.

На средбата со амбасадорот на Норвешка,  ВМРО-ДПМНЕ го осудила обидот на партиите кои ги загубија изборите и  нивните подржувачи, преку поголем број жалби да издејствуваат незаконско гласање на членовите на ДИК и изигрување на вољата на граѓаните.

– ВМРО-ДПМНЕ на тоа одлучно ќе се спротистави и нема да дозволи спроведување на постизборен  инжињеринг во Република Македонија.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека  за време на изборите СДСМ вршеше плаќање на  гласачи особено во социјално ранливите семејства, што барем во еден дел беше документирано од надлежните институции и за истотот се водат постапки,  додека  од страна на ВМРО-ДПМНЕ немаше ниту едно прекршување на законот. На прашање на амбасадорот,  беше одговорено дека во последните две години во Република Македонија  имаше сериозно мешање на одредени  преставници  на меѓународната заедница во внатрешните работи на земјата, и внатреполитичките и меѓупартиски работи. Тоа, иако подзадскриено,  беше присутно од одредени фактори и во предизборниот и за време на изборниот период. Таа пракса треба да запре.

Покрај политичките, стана збор и за економските прашања, како и успесите кои владата ги имаше во привлекувањето на инвестиции и отворање на нови работни места во Македонија, се наведува во соопштението од прес-службата на ВМРО-ДПМНЕ.