Македонија

Груевски се сретна со народниот правобранител

Груевски се сретна со народниот правобранител

Премиерот Никола Груевски денеска остварил средба со народниот правобранител Иџет Мемети, при што биле разменети мислења за состојбата и почитување на слободите и правата на граѓаните во поглед на институционална поддршка, работата на институциите кон промовирање на тие вредности, како и заедничките ангажмани во насока на стимулирање и остварување на нивна заштита, соопшти владината прес служба.

Премиерот Груевски изразил поддршка на работата на Народниот правобранител која е во функција на превенцијата и заштитата на правата на граѓаните. Посочил дека сите субјекти, тела и институции во државата треба да ја поддржат неговата работа и дејствување во правец на квалитетна и ефикасна заштита на правата на граѓаните.

На средбата се разговарало и за можностите за унапредување на законските капацитети и решенија кои ќе ја подобрат работата на народното правобранителство, како и кадровско зацврстување со цел ефикасно и квалитетно извршување на функцијата и целите.

Според Груевски една од значајните владини определби е почитување на слободите и воспоставување на систем на владеење на правото, како најодржлива форма за почитување на темелните слободи и права.

Премиерот Груевски истакнал дека значаен елемент е и постигнувањето на транспарентност за што голем број на процедури и правила кај владините институции беа поедноставени со цел да се излезе во пресрет на граѓаните.

Соговорниците се согласиле дека постојат уште предизвици кои треба да се надминат во поглед на подобрување на заштита и ефикасното спроведување на правата за што премиерот Груевски истакнал дека Владата е подготвена во соработка со субјектите вклучително и Народниот правобранител, да влијае и придонесе за понатамошно унапредување на заштита и почитувањето на граѓанските права.

Народниот правобранител Мемети изразил задоволство од подготвеноста на Владата да се влијае во насока на унапредување на стандардите и ја истакнал својата поддршка за напорите за зајакнување на капацитетите и остварување на дополнителен напредок во заштита на правата.