Груевски се сретна со претседателот на албанското Собрание

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, денеска оствари средба со претседателот на Собранието на Република Албанија, Илир Мета.

На средбата беше дадена позитивна оценка за билатералните односи кои се карактеризираат со средби на највисоко ниво. Двете страни ја изразија својата посветеност кон европските и евро-атлантските интеграции како клучни стратешки определби на двете земји. Соговорниците ја истакнаа својата заложба за унапредување и продлабочување на економските односи, трговската размена и соработката на реализацијата на инфраструктурни проекти.

Премиерот Груевски се осврна на реформите кои ги спроведува Владата. Тој истакна дека Република Македонија е посветена на натамошното унапредување на добрососедските односи со Република Албанија и за интензивирање на меѓусебната соработка. Беа истакнати нашите тековни инфраструктурни проекти на Коридорот 8 кои ќе придонесат за подобрување на меѓусебната поврзаност, олеснување на протокот на патници и стока, како и засилување на трговските односи. Се истакна изградбата на автопатот Кичево – Охрид, подготовките за изградба на автопатот Гостивар – Кичево по пат на концесија, како и подготовките за изградба на железничка пруга до албанската граница. Беше наведена подготвеноста на Владата за дополнително енергетско поврзување помеѓу двете земји, за чие финансирање постои интерес и од страна на Европската банка за обнова и развој.

Претседателот на албанското Собрание, Мета изрази позитивни оценки за работењето на македонската Влада, особено на полето на привлекување на странски инвеститори, како и во областа на земјоделието и безбедноста на храната истакнувајќи дека преземањето на нашите искуства од овие сектори може да е од интерес за Република Албанија и изрази подготвеност за зајакнување на соработката. Тој го истакна и интересот на Република Албанија за железничко поврзување на двете земји како особено значајно за подобрување на меѓусебната трговија, но и за трговијата со останатите земји од регионот.

Соговорниците разговараа и за можностите за продлабочување на соработката во областа на туризмот и други стопански сектори од взаемен интерес.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.