Груевски се сретна со претставници на Европскиот совет

Претседателот на Владата Никола Груевски вчера оствари средба со претставниците на работната група на Европскиот совет задолжени за проширување на ЕУ.

Соговорниците разговарале за реформската агенда на Владата во насока на реализација на реформите и мерките насочени кон исполнување на критериумите зацртани од интегративниот процес на Македонија во ЕУ.

На средбата, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на премиерот, станало збор и за предизвиците поврзани со состојбата со политичкиот дијалог при што беше истакната важноста од институционално дејствување и нивно надминување.

Груевски ги информираше членовите на работната група за тоа дека членството во ЕУ претставува стратешка определба на државата и интензивно се работи во реализацијата на понатамошни реформи кои ќе го унапредат процесот. Посочи дека се превземаат мерки во повеќе општествени области чија крајна цел е исполнување на зацртаните критериуми, подобрување на квалитетот на работата на институциите и овозможување на напредок на животот и стандардот на граѓаните.

Соговорниците разговараа и за надворешно политичките аспекти во процесот на европски интеграции, при што премиерот Груевски ја истакна нашата посветеност и заложби за понатамошно унапредување на добрососедските односи и регионална соработка, се наведува во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.