Груевски се сретна со професори од белгискиот Универзитет Лувен

Премиерот Никола Груевски денеска се сретна со претставници од Универзитетот Лувен од Белгија, професорите Дени Питерс и Филип Диваленс.

Универзитетот Лувен е еден од најдобрите и најреномирани универзитети во Белгија и во првите 100 во светот. Тој меѓу другото е и научен центар специјализиран во повеќе сфери и области.

На средбата се раговарало за соработка во повеќе посебни области при што бил потенциран потенцијалот за реализација на конкретна размена на искуства и соработка во полето на здравството, образованието и сферата на социјалната политика, соопшти владината прес-служба.

– Професорите од Универзитетот Лувен истакнаа дека соработката која може да се оствари во здравството би се состоела во размена на медицински персонал меѓу двете страни и пренесување на искуствата од научните методологии во медицината кои може да бидат корисни и применливи. Ваквата соработка би била корисна и е во рамките на заложбите кои ги има Владата за остварување на соработка со повеќе врвни медицински центри и размена на медицински персонал со цел унапредување на знаењата и зголемување на искуството, стои во соопштението.

На средбата, во делот на соработката во образованието станало збор и за можноста за пренесување на дел од студиските програми и нивна имплементација на одделни факултети во Македонија со цел примена на најдобрите практики од реномираните универзитети и унапредување на образовниот процес.

Соговорниците размениле мислења на повеќе теми од сферата на образовниот процес и социјалните политики, при што искажале подготвеност за искористување на потенцијалите, продлабочена соработка и надградување на истата.