Груевски: Сега е моментот да се запре СДСМ во својот план за редефинирање на државата

Локални избори кои овој пат се многу повеќе од локални. Минатата година имавме во декември парламентарни избори на кои мнозинството граѓани во македонија ја даде победата и довербата на ВМРО-ДПМНЕ, но за жал под разни околности кои ви се добро познати, СДСМ беше донесена на власт и го започна својот план за редефинирање на државата, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг кој се одржува во Виница.

-Сега е моментот да се запре тоа, сега е моментот на 15 октомври да се излезе, да се поддржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за градоначалници и советници, но истовремено да се испрати силна порака од народот дека секој којоди спротивно на волјата на народот нема да стигне далеку и дека народот е господар во оваа држава, а не некој друг, истакна Груевски.

Тој посочи дека овие локални избори доаѓаат четири месеци по доаѓањето на власт на СДСМ и после помрачувањето што и се случува на Македонија во овие четири месеци.

-Некој можеби ќе рече дека е прекраток периодот за да се даде оценка, но ако по утрото денот се познава, Македонија ја снајде помрачување во секој поглед и во секоја смисла. Дали да тргнеме од незаконското и насилничко работење што го демонстира оваа власт на секое поле, дали да одиме и преку тоа што јасно се гледа дека силно одат против волјата на народот за многу прашања затоа што не чувствуваат дека овој народ ги избрал. Склучување на меѓудржавни договори спротивно на волјата на мнозинството граѓани, поставување на некомпетентни кадри на сите позиции, луѓе кои немаат никакво искуство, а во многу случаи ниту образование, но се истакнале по тоа што ги фарбале зградите во Шарената револуција. Поставување на кадри кои немаат за цел да направат нешто позитивно за народот, туку имаат за цел да ги задоволат апетитите на нивното лидерство, посочи Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека неисполнување на дадените ветување е една од главните карактеристики на СДСМ.

-Она што го ветија, не го исполнија. Одеа со нереални ветувања и нормално е дека не може да ги исполнат. Ако нешто исполнат, тоа ќе биде нешто ситно, малку и нешто што нема значително да го подобри животот на народот. А даваа крупни ветување, на пример дека ќе имаме 500 евра просечна плата. Не само што ја немаме, туку веќе два месеци по ред има намалување на просечната плата согласно заводот за статистика каде тие поставија директор. Ветуваа 500 километри автопатати, не само што не ги започнаа, туку ги запреа и тие што се градат под разни непринципиелни изговори само за да помине некое време, па тие да кажат дека се заслужни што се изградиле, вели Груевски на митингот во Виница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.