Груевски: Секогаш кога се работи, резултатите се неминовни

Македонија е лидер во регионот според Индексот на економски слободи за 2017-та година, при што забележа висок раст од 47 места во споредба со 2006-та година кога државата беше на 78-мо место. Ова ја става земјата пред многу развиени европски економии: Белгија, Шпанија, Франција, Португалија, Италија, Словенија, Полска, Турција, Русија и други. Напредокот за една година е 16 места, од 47-мо на 31-во место, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на својот ФБ профил.

Секогаш кога се работи, резултатите се неминовни. По вторпат неделава Македонија добива признание за економските политики кои ги спроведува – прво од Европската комисија, а денес и од престижниот извештај на фондацијата Херитиџ и Вол Стрит Журнал кои ја рангираат на 31-во место од 186 земји во светот.

Македонија е една од земјите со најниски даночни стапки во светот и во неа лесно се започнува бизнис, се ценат сопственичките права и слободата на бизнисот. Сето тоа е високо вреднувано од страна на фондацијата Херитиџ и останатите светски реномирани извештаи, додава Груевски.

Според него овие признанија се само уште еден поттик за понатамошно залагање во насока на подобрување на бизнис климата и деловното опкружување во земјата, кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард и отворање на нови работни места.

Секое вакво достигнување, секое дело е успех на Македонија, продолжуваме да работиме за сите граѓани, за напредок на нашата држава.

фб