Груевски: Штип ќе добие нова Клиничка болница

Во штипскиот регион само во последниве две години се реализирани над 100 нови вработувања на доктори и медицински персонал и обезбедени се десетина нови возила на итната медицинска помош, истакна лидерот на ВМРО – ДПМНЕ и премиер на Република Македонија, во рамки на денешното обраќање пред присутните на големиот народен собир во Штип.

-Говорејќи за здравството, знаете дека веќе е распишана првата фаза од тендерот денес за изградба на нова Клиничка болница во Штип. Денес сакам да информирам дека се комплетираа процедурите и веќе за 20 дена ќе биде распишана и втората фаза преку која ќе биде избран најповолен понудувач за изградба на болницата што се очекува да започне веќе во јуни или јули оваа година.  Целиот источен регион ќе добие нова кличинка болница која ќе се простира на 30.000 метри квадратни. Нова клиничка болница во вредност од 34 милиони евра. Проект кој се однесува на повеќе од 200.000 жители од сите општини на овој регион, дополни премиерот.

Груевки нагласи дека во изминатиов период само во Штипската болница е набавена медицинска опрема во вредност од 5 милиони евра, како што се: апарат за компјутерска томографија, магнетна резонанца, ангиограф, нова опрема за офталмолошкото одделение и акцелератор за зрачна терапија, за кој во завршна фаза е изградбата на просторот во кој ќе биде сместен.

– Во Општата болница во Кочани е извршено реновирање во вредност од околу 10 милиони денари, и набавена е опрема за над 20 милиони денари. Реконструиран е и Здравствениот дом во Делчево и здравствената станица во Македонска Каменица. Во Штип од 2013 година успешно функционира интервентната кардиологија со што градот прерасна во регионален центар за кардиологија, рече Груевски.

Премиерот потенцира дека проектот рурален доктор се спроведува на 4 пункта во општина Карбинци и на 4 пункта во Чешиново-Облешево, каде е отворена и веќе функционира и аптека за населени места до 3500 жители.

Во рок од 10 дена ќе биде објавена концесија за подвижна аптека и за Карбинци и над 25 мали населени места и села во општината, и за Чешиново-Облешево со која ќе бидат опфатени 15 помали населени места.