Груевски: СЈО врбува вештаци кои со својата работа треба да ги поткрепат нивните конструкции

Значи, луѓето тргнуваат со силна омраза кон нас, со желба некому да му наштетат на угледот, политички да го елиминираат, набедат и оцрнат. Без судска пресуда. Тргнуваат како политички противници, а не како независни обвинители, вели за СЈО лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во интервју за порталот Телеграф.мк.

Како што вели, дознал дека од СЈО смислиле и уште една работа.

Потпишале договор за консултантски услуги со повеќе луѓе, професори, адвокати, академици и слично, чија главна задача е да гостуваат секоја вечер во телевизиски емисии и да зборуваат против нас, а да ги бранат нив. Да пишуваат колумни во ист правец и да влијаат врз јавното мислење, притоа глумејќи независни стручњаци.

Значи, дење се советници, ако воопшто нешто работат како советници, а навечер секој од нив е гостин во емисија, независен експерт, угледен независен адвокат или професор или академик или слично. Со други зборови, буџетските пари на граѓаните ги користат да плаќаат луѓе кои политички и јавно низ медиумите треба да ги бранат нивните непрофесионални и партиски мотивирани активности. И тоа се случува во Mакедонија речиси секој ден. Народот ги слуша и веројатно поим нема колкави хонорари земаат за така да зборуваат против нас.

Погледнете деновиве каква битка водеа за да го заштитат сега веќе поранешниот шеф на „Aлфите“, за кој цела држава знае дека е партиски кадар на СДСМ. Значи, на моменти, не се ни обидуваат да се затскријат или да одглумат, вели тој.

Груевски потенцира дека вакво СЈО ниту било договорено, и оти ниту кој било нормален човек може да го поддржи.

Втората работа што ја разбравме деновиве, која треба да се потврди дали е вистина, е дека врбувале вештаци од разни професии, економски, градежни, ИТ и други, вештаци кои би правеле нарачани вештачења, вештачења со кои би се поткрепиле конструкциите на СЈО.

Замислете до каде одат работите кога овие луѓе, како тим, за големи пари ќе фалсификуваат и продуцираат нарачани вештачења. Ние веќе бевме сведоци на едно такво нарачано вештачење од Мирослав Грчев за случајот „Космос“. Замислете, и покрај тоа што веќе има неколку вештачења за истиот предмет, нарачано е вештачење од СЈО кај Мирослав Грчев, човекот кој отворено покажува омраза кон ВМРО-ДПМНЕ и кон сите проекти на Владата, човекот кој секојдневно нè плука кај ќе стигне, поранешен градоначалник на СДСМ, и кој е целосно ненадлежен за ваков тип вештачења, беше одбран да направи нарачано вештачење. Ете ова се методите на СЈО.

Има уште многу нешта за ваквото однесување на СЈО, за кое допрва ќе се зборува. За начинот како функционира нивното работење од повеќе аспекти.

Значи, пак ќе повторам. Идејата за ваква институција ја поддржуваме. По она што се случи минатата година  таа ни треба, и како држава, и како партија, и нам како поединци, независна и професионална. Но, со нивните методи на постапување ја злоупотребија и ја извалкаа таа идеја. Си дозволија да се стават во нечија служба и нечии цели.

Мислам дека ако вака се однесуваше јавното обвинителство кон некој од опозицијата, ќе се кренеше голема врева, не само во земјата туку и надвор, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.