Груевски: Следува продолжување на еден од најуспешните проекти „Македонија вработува 2“

Проектот Македонија вработува ќе продолжи да се реализира и веќе следната недела владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи реализација на проектот Македонија вработува 2,  најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при своето гостување во Дневникот на ТВ Сител.

Ќе бидат опфатени 5 категории на невработени лица од кои Првата категорија ќе се однесува на невработени млади до 35 години при што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси и персонален данок во рок од 3 години за лицата кои ќе ги вработи.

Втората категорија, долгорочно невработени лица од 35 до 50 години при што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси во рок од 5 години за лицето кое ќе го вработи. Третата категорија се невработени лица над 50 години при што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси 5 години односно 60 месеци.

Четвртата категорија се невработени лица над 58 години, категорија на лица која многу тешко наоѓа работа на пазарот на труд, за нивното вработување работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси до остварување на правото на старосна пензија на вработениот.

Петата категорија, невработени лица со социјален ризик(лица со инвалидност, родители на деца со пречки во развојот, самохрани родители,родител во  еднородителски семејства, родители на три и повеќе деца, како и поранешни професионални војници) при што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање на придонеси во времетраење од 5 години, односно 60 месеци.