Груевски со божиќна честитка до Евангелско-Методистичката црква во Македонија

Премиерот Никола Груевски упати честитка до верниците и до претседателот на Евангелско-Методистичката црква Емил Заев, по повод големиот христијански празник Раѓањето Христово – Божиќ.

– Божиќ е празник на Божјата љубов, празник кој треба да нè потсети дека Бог во својата намера да го доближи човекот до себе, одлучи и самиот Тој да постане човек. Христовото раѓање е симбол на волјата Божја да сето небесно го соедини со сето земно и да испрати ѕвезда водилка која за навек ќе го осветлува патот кој е исправен и нужно потребен да има мир, радост и љубов помеѓу луѓето. Со бескрајна почит, во мир и спокој, со широко отворени порти во нашите срца и нашите домови и оваа година да ја пречекаме убавата вест за раѓањето на Исус Христос и да го прославиме големиот настан. Ви посакувам убави празнични денови, многу љубов и топлина во Вашите домови,  и многу радост и бериќет во Вашите семејства. Нека ни е честит и за многу години големиот празник! Христос се роди – Навистина се роди!, се вели во честитката од премиерот Груевски до припадниците на Евангелско-Методистичката црква.