Груевски: Со чекорите кои ги прави СДСМ трошоците за живот очигледно е дека ќе растат

Како и за најголем дел од ветувањата на СДСМ, така и од ветувањето за намалување на трошоците за живот за граѓаните, нема да има ништо. Сѐ што прават во изминативе три месеца е спротивно на тоа што го најавуваа во делот на намалување на трошоците на живот, рече во четвртокот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, при посетата на скопската општина Бутел.

Поранешниот премиер притоа потсети дека актуелната Влада објави дека ќе ги зголеми даноците, дека ќе ги зголеми придонесите за здравствено и пензиско осигурување, а истовремено го запира зголемувањето на пензиите.

Направија исто така, продолжи Груевски, и намалување на девизните резерви од 192 милиони евра, во одговор на новинарско прашање.

„Запрени се најголемиот дел од градежните проекти во земјава. Се запреа градби на автопати, градбата на Клиничкиот центар во Скопје, се запре градбата на Драмскиот театар… Сѐ што требаше да се гради и прави, и да придонесе во економскиот развој на земјата, се запре. Сите чекори што ги прават се спротивни на тоа дека ќе се намалат трошоците за живот, напротив трошоците за живот очигледно е дека ќе растат“, додаде Груевски.