Македонија

Груевски со честитка по повод Денот на настава на турски јазик

Груевски со честитка по повод Денот на настава на турски јазик

Премиерот Никола Груевски упати честитка до претставниците на турската заедница во Македонија, по повод Денот на настава на турски јазик.

Честитката подолу интегрално ја пренесуваме.

Денешниот празник е уште една можност да ја одбележиме и прославиме долгата традиција на соживот и заедништво која постои уште од минатото и преставува трајна вредност која го одбележува животот и опстојувањето во Република Македонија. Турската заедница е почитуван и значаен дел од македонското мултиетничко општество, а ваквите празнични одбележувања ја потврдуваат нашата долгорочна посветеност за негување и унапредување на меѓусебните односи во државата, но и негување на пријателството и одличните билатерални односи со Република Турција.

Турската заедница во Република Македонија придонесува во општествениот, културниот, спортскиот, образовниот и економскиот развој на земјата, а нејзините претставници имаат значајно учество во промоцијата на нејзините специфики, но и во реализацијата на заедничките општествени цели.

Би сакал да Ви го честитам денешниот празник кој симболично е поврзан со образованието на свој мајчин јазик како едно од основните права на човекот, а севкупно е уште едно обележје на турската заедница во Република Македонија. Наша трајна определба е таквите обележја да ги почитуваме, негуваме и прославуваме. Само на тој начин, со почит и взаемна соработка, со разбирање и заеднички сили, и со посветеност ќе успееме во нашата цел, а тоа е да обезбедиме квалитетен живот на нашите граѓани, економски развој и раст на стандардите во секоја општествена сфера, можности за развој на индивидуалниот потенцијал на секој поединец, и изградба на модерна и развиена Република Македонија.

Ви посакам многу здравје, среќа и успех и пријатни празнични денови!

Нека ви е честит 21 декември – Денот на настава на турски јазик !