Груевски: Со електронски залог до подобри услови за бизнис

Отсега регистрацијата на залог во Централниот регистар  може да се врши електронски.

Ова е уште еден проект со кој преку воведување нова технологија се создава можност целокупниот процес на регистрирањето на залогот и плаќањето на надоместот да се прави по електронски пат.

Премиерот Никола Груевски потенцираше дека со ова покрај другото се подобрува услугата, се заштедува времето на корисниците, а се олеснува и водењето на бизнисот.

Централниот регистар, рече Груевски, ќе продолжи со примена на мерки кои ќе ја помагаат домашната економија и приватниот сектор и ќе внесуваат иновации и попрофесионални стандарди во работењето.

-Дел од тие проекти се воведување систем за електронска регистрација на лизинг, за фер и правична распределба на стечајните постапки, за тендерско досие и за воведување опција за проверка на основни податоци за фирми со поддршка на англиски јазик, додаде Груевски.

В.д. директорот на Централниот регистар Андреа Поповски, појасни дека системот за е-залог е пандан на постојниот процес на регистрација во хартиена форма. Разликата се состои во можноста целокупниот процес да се спроведе преку интернет без потреба од физичко присуство, а само со примена на дигитални сертификати како средство за идентификација на подносителот, нагласи Поповски.

Електронскиот залог е спроведен во соработка со Нотарската комора која е главен администратор на уписите во Регистарот.

Проектот е вреден 250 илјади евра.