Груевски и сопругата на премиера на „Златна петорка“

По завршувањето на денешната агенда, промоцијата на првите 53 наслови од новата едиција „Светско книжевно богатство“, одмор и за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Груевски и сопругата Боркица присуствуваа на прикажувањето на филмот „Златна петорка“, работен по сценарио на Братислав Ташковски, а во режија на Горан Тренчовски.

Со скопската премиера на филмот, на 6 октомври, започна дистрибуцијата во киносалите во Македонија. Филмот веќе остави голем впечаток кај публиката во Лондон и во Битола.
Публиката на фестивалот „Браќа Манаки“ со долг аплауз ја поздрави екипата по гала-проекцијата, а во официјалната фестивалска рецензија на фестивалот Реинденс во Лондон каде што имаше светска премиера, „Златна петорка“ беше претставен како „силен и трогателен филм“.
Ова е филмска фикција во која група другари верува во своите младешки идеали. Притоа љубовта и предавството се главни пунктови по кои се движи филмското дејство. Во тој период на комунистички ликвидации, во 1951 година се случува неразјаснето убиство на петмина студенти. Половина век подоцна, Алавантие, како сведок и истражувач, се враќа во родната Струмица со досието „Златна петорка“.
Неговите тајни и сознанија внесуваат дополнителен немир во брачниот живот на Ката и на Џиџи. Во филмот провејува мотивот инспириран од вистинитиот настан за петтемина струмички студенти за кои УДБА водела специјално досие под кодни имиња, нешто што долги години беше табу-тема кај нас, за конечно преку оваа возбудлива филмска сторија, да добиеме екранизација, која е исто толку филм за сегашноста, колку што е филм и за минатото.
kino-3-768x554
На 16 октомври „Златна петорка“ ќе биде прикажан во Сиднеј, а на 23 во Торонто.
Сценариото за овој македонски филм е работено по книжевни мотиви на Братислав Ташковски, а на последната верзија косценарист беше Билјана Гарванлиева. Директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и на Горан Керкез. Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др. Продуцент е Дејан Милошевски.
Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ од Скопје и е поддржан од Агенцијата за филм на РМ како дебитантски филм.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.