Груевски: Сорос во Македонија подржува владеење на криминална политичка елита

Сорос има многу информации за Македонија и за нас, многу повеќе отколку што верувате. Многу. Но искривени, неточни и погрешно пласирани. Јас сум убеден дека барем дел од проблемот се и неговите заблуди, а не само различната идеологијата од нашата, вели Груевски во интервју за „Република“.

Сѐ уште мислам дека не е свесен кого поддржува во Македонија и против кого е. Неговото мислење за нас, кое подоцна го наметна и кај некои структури на Стејт департментот и кај други влади е базирано на многу дезинформации и на свесно направени погрешни толкувања на нашите чекори и политика. На пример, спротивно од тоа што го декларира јавно, вклучително и во неговата последна колумна пред Нова година, тој, свесно или не, во Македонија поддржува криминалци, авторитарни политичари, политичари што оставија без работа повеќе од 200.000 работници во процесот на транзицијата и низ процесот на криминалната приватизација, а еквивалент на тоа во Америка, според големината, е како во неколку години да се избркаат од работа околу 35 милиони работници. Како? Многу едноставно, направија закони со кои државните фирми место преку берза или на друг конкурентен начин, им ги продадоа за симболичен износ на олигарси блиски до својата партија, за овие потоа да им ја финансираат партијата и самите нив, политичарите од СДСМ, за кои Сорос смета дека градат отворено општество. Тие стари комунистички директори не знаеја да отворат нови пазари. Со распадот на комунизмот старите им се затворија поради либерализацијата, па ги избркаа вработените на улица, но капиталот го задржаа. Само поради ова, а има уште многу причини, да сум јас на негово место не би помислил да поддржам таква партија.

Или да земеме уште еден пример. Поддржува лидер фатен на дело, со легално направена снимка по наредба на обвинител, како бара мито од бизнисмен и како раскажува дека сите бизнисмени во неговата општина во која тој е градоначалник на ист начин плаќале мито, дури и се чуди како тој што дошол кај него не е запознаен со редот во општината.

Поддржува политичка елита, за која е докажано дека дава лажни ветувања поради кои и неколку пати беше казнета од мнозинството народ. Елита што финансиски и економски ја фрли Македонија на колена, која кога владееше владееше без никаков економски концепт за државата, и елита што никогаш, буквално никогаш нема привлечено странска грин филд инвестиција, која отворила едно работно место во земјата кога била на власт. Ова го кажувам сега, кога поминаа изборите, за да не се сфати дека е дел од кампања. Не е. Тоа е дел од реалноста. Затоа, велам, надвор од идеолошкиот дел, мислам дека Сорос е во заблуда и не верувам дека ќе ја признае. Не ја познава земјата, прима само извештаи од луѓе на кои им верува, а тие, пак, од лица од структурите на СДСМ. Најголем дел од вработените во НВО и во други институции што ги финансира Сорос се активисти на СДСМ или дури и нивни функционери, како, на пример, претседатели на локални организации и слично.

Сорос поддржува партија што кога владееше, а и денес кога владее по општините низ Македонија владее недемократски, авторитарно, ја задушува слободата на медиумите до максимални граници, потоната е во криминал и во корупција, спроведува класично мафијашко водење на владата, или денес општините, политичка елита која народот го гледа само како средство, како инструмент да дојде на власт и до државните ресурси и што подолго да се задржи на неа заради свои лични интереси.

Еве земете го примерот на актуелниот претседател на СДСМ за кој се откри дека со години, поголем дел од позначајните тендери во општината која ја води 11 и пол години ги доделувал на неговите роднини и високи партиски функционери. Тоа ли го подржува Сорос? За тоа ли ги троши неговите пари во Македонија? Му го кажал ли некој ова? Сигурно не, ниту пак ќе му го каже, или ако му каже ќе му каже дека се е тоа некаква местенка. Или земете го примерот со случајот Цареви кули, каде  лидерот на опозицијата, договорил мафијашка зделка со некој бизнисмен за да ги избегне плаќањата на комуналии кон општината, да ги изгради на диво објекти по донесувањето на законот за легализација на дивите градби, а тој да му овозможи легализација како да е изградено пред законот. Заборавиле само дека гугл секои 6 месеци врши снимки на цела земјина топка, и таму јасно се гледа кога е изграден објектот. Такво ли владеење подржува Џорџ Сорос?

Знае ли Сорос дека шефот на опозицијата за кого овој троши милиони евра за да го донесе на власт е амнестиран во криминална афера тешка 8 милиони евра, приближно колку што Сорос годишно троши во Македонија. Или му кажале дека и тоа е местенка?  Знае ли дека долго време исто се правдаше дека не барал амнестија и не можел да ја спречи одлуката на претседателот на државата, а сега откога се смени законот и секој има право да побара поништување на амнестијата, ,,лидерот,, никаде го нема, и чека да застари делото. Не ли е ова мафијашко владеење, и ова ли го подржува Сорос, или за тоа никој ништо не му кажува. Како што веројатно никој не му кажува дека заменик претседателот на СДСМ заедно со сопругот имаат месечни примања од околу 10 илјади евра, во земја со просечна месечна плата од околу 370 евра, од кои поголем дел од парите се од издавање на сопствениот имот вклучувајќи го и оној во кој живеат, на фирмата каде сопругот и е управител.

Знае ли Сорос дека кога неговиот пулен Заев треба да се појави на суд за корупција, шефот на опозицијата не доаѓа и вели дека бил на средба со некој амбасадор, што потоа амбасадорот јавно го негира, и на крај се покажува дека бил на средба во амбасадата со некој волонтер преведувач. И воопшто кој за средба со амбасадор одложува судско рочиште освен ако не е до срж корумпиран и виновен? Знае ли Сорос какви закани упатува кон медиумите кои не го поддржуваат човекот кој тој финансиски го подржува за да стане премиер? И тоа јавни закани. Прогласувајќи ги јавно за свои непријатели тие медиуми на прес конференција.  А тие медиуми си знаат уште какви не закани имаат кои не се јавни, туку испратени преку гласници, со цел да ги замолчат да зборуваат за неговиот криминал, лаги и погрешни политики.

Да, за жал, свесен или можеби несвесен, тој си знае најдобро, Џорџ Сорос подржува во Македонија владеење на една корумпирана и криминална политичка елита, автократски лидер на кој не смее никој да му се спротивстави за време на партиските седници на ЦК, наследници на поранешните комунисти, тотално отуѓени од народот, и кој народот го гледаат само преку призмата на својот личен интерес. Тој го финансира, токму она за кое јавно се декларира дека е против и дека се бори, а всушност се бори токму против оние, кои со сите слабости, имаат најмногу направено за зацврстување на демократијата, слободата, економијата и државата во целина. Тешко ми е да поверувам дека тоа го прави свесно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.