Груевски: Создадовме услови за странски инвестиции и нови вработувања

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ и премиер на Република Македонија, Никола Груевски, денеска пред штипјани ги посочи создадените услови за странски инвестиции и нови вработувања во регионот.

-Во овој регион, во Штип ја изградивме Технолошко индустриска развојна зона Штип, на простор од 208 хектари, создавајќи услови за влез на странски инвестиции и отворање на нови работни места за целиот регион. Како што знаете веќе во зоната е реализирана инвестицијата на Џонсон Контролс, во висина од 18 милиони евра каде што работат околу 1.500 вработени. Денес сакам да најавам дека добивме информација од компанијата дека тие одлучиле да го прошират бројот на вработени до 1.700 и да вработат уште 200 работници до крајот на годината. Тоа е добра вест за Штип. Тоа е како уште една нова помала фабрика. Значи, нови 200 дополнителни вработувања за Штип и овој регион во Џонсон Контролс постепено до крајот на оваа година, изјави премиерот.

Тој истакна дека германската компанија Техникал Текстајлс, инвестиција која само во првата фаза е во висина од 15 милиони евра и со која се предвидени најмалку 600 вработувања, информирала дека во вториот квартал, односно во мај-јуни годинава, ќе ја отвори својата фабрика и ќе започне со работа и вработувања.

-Кога пред неколку недели бев во Кочани објавивме дека американската компанија Амфенол во Кочани, каде веќе работат околу 400 лица, донела одлука за префрлање на шест свои дивизии во Македонија и тоа во ТИРЗ Кочани-Виница. Висината на оваа инвестиција ќе изнесува околу 20 милиони евра и се предвидени околу 2.000 нови вработувања. Денес сакам да објавам дека во вториот квартал на годината, значи за 2 до 3 месеци од сега ќе се подготвува и официјално потпишување на договорот со оваа компанија и веднаш потоа почеток на градба на нивните капацитети и реализација на новите вработувања. Добра вест за Кочани,Зрновце, Виница, Блатец, Каменица и целиот регион. За Виница, каде што веќе се градат 6 нови фабрики во индустриската зона, е значајно и што холандската компанија Р енд С која веќе има вработени, најавуваа дека ќе има нови вработувања. Холандската компанија Антура, која во Кочани инвестираше 6 милиони евра досега вработи 100 лица а во наредниот период ќе го зголеми бројот на вработени за уште 200 нови вработувања, инвестиција која пак е резултат на добрата соработка со странските инвеститори и компании која веќе ме покани на официјалното нејзино отворање на 6 мај. И кога сме веќе кај Антура, да кажам и една анегдота што ни се случи. Кога ја донесовме Антура во Македонија, покрај во Кочани, со обѕир на земјоделската дејност поврзана со производство на семе за цвеќиња, ја однесовме и во Струмица. Имајќи ги во предвид климатските услови таму, но и фактот што се трудиме и таму да се отворат нови работни места, им ја преставивме Струмица најдобро што знаме и умееме. И нели потоа треба да ги поврземе со градоначалникот  бидејќи освен добредојде треба да им влее сигурност дека ќе имаат сериозен и кредибилен градоначалник, и да им најде земја, локација за фабриката и да им ја продаде за веднаш да почнат да градат фабрика.  И на прв поглед се беше во ред а сите ние среќни и задоволни. Градоначалникот срдечно ги пречекал, и им ветил се што прашале. Најважно им беше да има спремна локација со маркица за фабрика, за веднаш да почнат со градба бидејќи имаа многу нарачки. Добија ветување и веднаш беа однесени на локацијата, а потоа градоначалникот по некој ден ги повика сите локални медиуми за да им каже дека тој лично донел инвеститор од Холандија во Струмица кој ќе гради фабрика и ќе вработи 300 луѓе токму на таа локација каде дојдоа новинарите поканети од него. Луѓето кои долго работеа на убедување на инвеститорот беа изненадени како тоа одеднаш нивниот труд Заев целосно си го препиша на себе, дел од нив реагираа и јавно, но тој остана на тоа цврсто дека тој лично го пронашол и убедил инвеститорот. Баталивме да се расправаме јавно, викаме важно е дека дојде инвеститорот и ќе има вработувања. По некој месец, инвеститорот ја купи локацијата, и тогаш се соочија со карактерните особини на градоначалникот. Иако им ветил локација со маркица за градење фабрика, бидејќи веројатно немал таква спремна во моментот, без да ги информира, им продал локација за градење на катна гаража и зелен пазар. Кога дознале, неверувајќи што ги снашло, инвеститорите побарале објаснување  од него, а добиле одговор ич да не се секираат, кај да е за 6-7 месеци ќе го смени планот и потоа ќе може да почнат градба. Кога виделе со кого си имаат работа, кога се пресметале колку ќе ги чинат тие 6-7 месеци чекање, кога веројатно им текнало дека ако еднаш ги излажал, може пак да им се случи, рикверц, и директно кај Ратко градоначалникот на Кочани, кој како и претходно ги дочекал подготвен со се што им треба, како и секој сериозен градоначалник. Е затоа денес во Кочани се вработуваат невработени, а во Струмица на таа локација сеуште има само обична празна земја без фабрика, посочи Груевски.

Премиерот потенцираше дека со лаги и интриги не се привлекуваат инвеститори, туку со работа, труд и чесен и искрен однос и изрази жалење само за многу невработени од Струмица за кои оваа ќе беше шанса и препород.

-Пред 10тина дена и официјално почна со работа ново отворениот капацитет на компанијата Актива аутомотив во индустриската зона во Штип, која е кооперант на белгиски Ван Хул и која веќе вработи 100 лица планира уште 200 дополнителни вработувања.  Практично фабриката Актива настана како резултат на носењето на Ван Хул во Македонија. Тоа е наша борба за секое ново работно место. Во Пробиштип, каде заедно со локалната самоуправа инвестираме повеќе од 2 милиони евра во тек е изградба на индустриска зона, која ќе биде готова во август оваа година. Зона со која дополнително ќе се зголемат можностите за инвестирање. Во оваа зона постојат огромни шанси за нова инвестиција бидејќи во фаза на донесување финална одлука за инвестирање е компанија од автомобилската индустрија и тоа за инвестиција на 15 милиони евра и отворање на 300 работни места. Правиме се што е во наша моќ да ја реализираме и оваа работа и ќе напрвиме се што е во наша моќ, заклучи тој.

Премиерот Никола Груевски истакна дека конкретните инвестиции и дела се од огромно значење за целиот источен регион, дела за кои е вложен многу труд и ангажман од Владата и од локалните самоуправи во овој регион.