сабота, 3 декември 2016  |  Вести денес: 23

Груевски: Стартуван е новиот капитален проект за нов клинички центар во Скопје

Одлична вест за македонското здравство, почнува капиталниот проект за изградба на нов клинички центар во Скопје! Денеска од страна на Банката на Советот на Европа во официјалниот гласник на Европската унија е објавен тендерот за изградба на новиот Универзитетски Клинички Центар „Мајка Тереза“ во Скопје, соопшти на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

133395964

Поврзани вести

Во продолжение интегрален текст од ФБ статусот на Груевски…

Ова е еден од капиталните проекти во македонскиот здравствен систем, со кој ќе се поставува нов стандард за квалитетот на здравствените услуги во Македонија. Инвестицијата само за изградба чини околу 70 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вкупна вредност од 128 милиони евра.

По спроведување на законските процедури, ќе отпочнат градежните работи, кои е предвидено да завршат во неколкугодишен циклус. Проектот предвидува изградба на нов Клинички Блок, нова зграда на Лаборатории во кој што ќе влезат нови простории на 23 клиники односно очна клиника, клиника за уво нос и грло, клиника за радиологија, ургентен центар, за дерматологија, неврологија, пулмологија, гастро, ендокринологија, ревматологија, завод за слух, говор и глас, клиника за анестезија и интензивно лекување, невро хирургија, трауматологија, психијатрија, токсикологија, ортопедија, неврологија, хематологија, нефрологија, трасфузиологија, микробиологија и нуклеарна медицина. Ќе следи и адаптација и реконструкција на Зградата на Хируршките Клиники во кои и сега се сместени урологија, дигестивна клиника, пластика и торакална клиника .

Клиниката за Гинекологија и акушерство останува во посебен објект кој е неодамна завршен, објектот на клиниката ги задоволува современите стандарди за тој вид на дејност. Оваа клиника ќе се поврзува со зградата на новиот клинички центар со топла врска што подразбира постојан начин на комуникација и транспортирање на пациентите за кои би имало потреба.

133395964

Клиниката за онкологија и радиотерапија останува во стариот објект за кој се предвидува парцијално реновирање и изградба на нов бункер за поставување на линеарен акцелератор како и поврзување со топла врска со новиот клинички блок.

Водејќи се од светската тенденција да се одделуваат педијатриските центри од остатокот на болнички блокови и клиники, а со цел да се даде по фокусирана нега, клиниката за Детски болести останува во постојниот објект кој е реновиран и адаптиран.

Исто така заради специфичноста на болестите кои ги третира Инфективната клиника останува во постојниот објект каде што е сместена, како и клиника за Кардиологија која останува во истиот објект, но целосно ќе се реконструира. За таа цел само што заврши тендерот за изработка на проект за реконструкција на клиниката. Додека клиниката за Кардио Хирургија е во објект кој е пуштен во употреба во 2015-та и целосно ги задоволува светските стандарди за таков тип на дејност.

Новиот Клинички Блок е проектиран со вкупно 855 кревети, од кои 720 кревети за болничка нега, 101 кревет за дијагностички функции, интензивна нега и рехабилитација и 34 кревети во дневни болници. Изградбата на новиот Клинички Центар ќе овозможи бенефит за сите граѓани, имајќи в предвид дека на годишно ниво во клиниките минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно. По долг процес и многу поминати препреки, не се откажавме, се придвижи овој процес и се надевам на успешен тендер по кој ќе се стартува и со изградбата. Ова е еден од оние проекти кои сведочат дека доколку навистина се биде упорен и се верува, успехот е неизбежен. Ние ќе продолжиме да го реализираме ветеното, да се бориме за секое ветување кое сме го дале пред граѓаните и заеднички да градиме, наспроти деструкцијата, конфликтноста и кризите продуцирани од нашите политички конкуренти. Ние продолжуваме да придонесуваме за граѓаните.

Најчитани вести