Груевски: Стоиме пред важна одлука со референдумско значење

Дојде времето за крај на кризата и за громогласен одговор на народот кој си ја сака државата и го препозна сценариото кое и се подготвува. Поминавме илјадници километри, слушнавте се, знаете се, ние веруваме во вас. Стоиме исправени пред многу важна одлука која за нашата генерација и за Република Македонија има референдумско значење. Од тоа каков став ќе заземеме сега, ќе зависи каква иднина ќе имаат и во каква држава ќе живеат нашите деца и внуци, генерациите Македонци кои ќе дојдат по нас.

Со оваа порака до гласачите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и предводник на Колаицијата „За подобра Македонија“ Никола Груевски ја заврши изборната кампања на последниот митинг што вечерва се одржа во Прилеп.

Им порача пред да гласаат в недела да се прашаат со кого ќе им биде подобро, кој работел повеќе, кој подобро се справувал со економските предизвици, со кого ќе се чувствуваат посигурно, кој има подобар кадар и програма, кој држи повеќе до зборот и кој ќе отвори работни места и ќе овозможи повисоки плати, пензии, социјална помош, кој ќе ги штити државните интереси подобро и ќе биде подостоинствен пред уцени.

– Во суштина ова е едноставен избор и покрај сложените околности во кои се прави. Ако веруваш во Македонија твојот избор е јасен. Сега е моментот кога треба да се потрудиме оваа криза на 11 декември да ја затвориме и да ја претвориме во една можност. Судбината на Македонија е во твои раце. Ова е историски момент во кој се носи многу важна одлука. Слушај си го срцето, знаеш и што и се случува на Македонија. Свесен сум и дека разни креирани сценарија нема да можат да ти го поматат фокусот од големата слика, истакна Груевски во Прилеп кој припаѓа на ИЕ 4 каде што е тој носител на кандидатската листа за пратеници.

Им порача да бидат горди на себе и сопствената држава, ветувајќи дека неговата партија и коалицијата што ја предводи нема да ги изневери и, како што рече, ќе бидат рамо до рамо со народот во сите предизвици.

–  Ти си нашата сила, ние сме твојата. Ние нема да те изневериме… Главата горе и не заборавајте – ова е ваша земја, порача Груевски на завршниот митинг во Прилеп.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.