Груевски: Странците се свесни за штетата која ја прави Заев и бараат тоа побрзо да заврши

На денешниот голем народен  собир на ВМРО – ДПМНЕ, претседателот на партијата и премиер на Република Македонија, Никола Груевски за СДСМ рече дека народот ги прочита и не им верува.

– Иако мислеа којзнае што ќе направат и го потценија нашиот народ, втора карика им беше меѓународната заедница и се колнеа во неа како во единствен апсолут, и од таму не го добија тоа што го сакаат, па сега се обидуваат со провидни наслови и контексти да презентираат демек којзнае каква поддршка имаат. Тоа го прават да ги надоместат лагите кои им ги кажуваше моменталниот предводник на СДСМ на своите следбеници,уште пред да ја почне операцијата, дека странците се јако зад нив и ние само што не сме паднале. Лажеше како никој и сега мора да го перат медиумите на СОРОС, кај што патем кажано освен, како штокажав, се говори дека дури и тој самиот фрлал по некое евро, односно по некое плико со евра. Јас не можам да разберам од кај тој комплекс кај нив така да се однесуваат поданички и возбудено како кутре кое мафта со опафчето кога некој ќе ги праша дали странците ги поддржуваат, рече Груевски.

Премиерот на граѓаните им објасни што поддржуваат странците и меѓународната заедница.

-Тие поддржуваат ова да заврши што е можно побрзо, затоа што и сакаат добро на државава и се свесни, говорам за оние кои ни се заинтересирани пријатели, дека штетата која овој човек со ова однесување и ја прави на државата е огромна и може да ги загрози нејзините перспективи. Странците сакаат сериозно и одговорно пристапување кон процесот „Пуч“ и кон наводите произлезени од нападите на опозицијата. Странците, потсетувам тука, говорам за добронамерните пријатели на нашата земја, сакаат стабилна Македонија која ќе продолжи по реформскиот курс и ќе создава подобри услови и можности за граѓаните низ демократски процеси. Сето тоа е во ред и треба да се земе сериозно и одговорно и ние тоа го правиме, во контекст на аспирациите и стратешките определби на Македонија за влез во ЕУ и НАТО, рече Груевски.

Премиерот потенцира дека најважно од се е што сака народот на Македонија.

-Народот е тој што гласа на избори и што живее во оваа земја и со секојдневните проблеми на оваа држава. Народот е тој што дава и одзема мандат, народот е тој што ја гради оваа земја, со чии пари издвоени за данок се создаваат дела, проекти, инфраструктура, објекти, се делат поголеми плати, пензии социјала, субвенции, се инвестира во земјоделие, образование, во сите сектори. Друго е прашањето каде одеа порано тие пари, кои ние денес ги издвојуваме за сите овие наши проекти… Камче се немаше поместено од едно место на друго, а овие од сегашново раководство на СДСМ слепо и со потскокнување беа најгласните поддржувачи на политиките на седење и не работење.  И затоа одбраа тема демократија и слобода, тука нема некои посебни параметри, кој како си доживува, сега си слободен, сега не си, и потешко се компарира, освен ако не фатиме да потсетуваме на бројни скандали од нивно време. Но никаде и никако проекти. Да споредиме тоа што тие го правеле и тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави. Тоа го нема, па со што би се споредувале, вели премиерот.

Груевски истакна дека СДСМ се потпира само на барање за слобода и демократија, затоа што нема програма.

-Вака демократија и слобода најсигурна работа, плус нема потреба од програма правење, најлесно им е ќе ја вратиме слободата и терај…Ама како ќе бидат даноците, како ќе се обезбедат средства за проекти, што ќе се гради, како и на кој начин ќе се стимулира отворање на нови работни места, како ќе се привлечат инвеститори. За овие нешта немаме одговор. Сбе слобода и демократија ќе вратиме па после ќе видиме, ќе тераме некако…звучи смешно, но тоа е за жал реалноста на нашата опозиција. Затоа не е ни чудо што ни со вакви местенки и опасни сценарија ништо не успеваат да направат и издишуваат како балон со нивното подмолно и кукавичко играње со монтирани материјали, истакна премиерот.

Тој се осврна и на изјавата на Љубчо Георгиевски кој јавно побара амнестија.

-Го гледате ли како овој лик што на моменти мисли дека е месија како во контекст на оваа драмолетка што ја тераа со амнестијата, му се пушти на Љубчо Георгиевски. А човеков побара јавно амнестија за Заев и за неговите соработници и ништо повеќе. Но Заев дали не дочул, дали не доразбрал, зашто и тоа е можно, веднаш му се закани на Љубчо дека ќе објавел нешто и за него. Како демократ веднаш се заканувал,  неверојатна работа. Значи сирот Љубчо сакајќи да му помогне веднаш си доби закана. Заканиве кај Заев некако инстинктивно му доаѓаат како на голем демократ. Всушност како некој рефлекс. Па така некогаш ако некој му рече Зоран гладен ли си нешто да ти донесеме, овој веднаш рефлексно му одговара – абе на кого ти гладен…крв ќе падне ќе видиш ти убаво! Е така тера овој човек, во таков филм е-на закани, силење, дека сите му се исплашени . Ако не се согласуваш со него си ја утнал работата. Одма закана, рече Груевски.

Но, премиерот му порача на лидерот на СДСМ дека никој не му се плаши!