Груевски: Тезите на Заев се искривени, а тој се повеќе се чуствува како на тенок лед

Тезите на Заев се искривени, а тој се повеќе се чуствува како на тенок лед. Ова го истакна премиерот Никола Груевски, во одговор на новинарско прашање за тоа како ги коментира тврдењата на лидерот на опозициската СДСМ, дека не е важно кој го вршел прислушкувањето, туку оти е важна содржината на снимениот материјал.

Груевски рече дека тоа е една нова теза која Заев ја исфрлил на последното интервју, дека не било важно кој направил упад во државниот систем, не било важно тоа што била организирана агентурна мрежа, дека била вмешана странска разузнавачка служба, дека тој на некој начин е инструмент на таа служба, дека таа странска разузнавачка служба потплатувала свои соработници во Македонија, кои што дел од нив го признаа делото, дека биле потплатувани и дека работеле по нивни налог и дека добивале и спроведувале нарачки од таа страна, истакна Груевски.

– Значи тоа ништо не е важно, рече Груевски, важно било само да се концентрираме на содржината и ништо друго.Тоа што државата била доведена во таква ситуација од странска разузнавачка служба, тоа што тој е сега нејзин експонент, тоа не треба да го гледаме. Никого не треба да го загрижува тоа што на тој начин се загрозува и приватноста на граѓаните. Тоа се навистина искривени тези и мислам дека се повеќе Заев се чуствува како на тенок лед, додаде премиерот.

фото: Курир