Груевски: Турскиот јазик и култура се меѓу најзначајните во Македонија

Денот на наставата на турски јазик во Македонија беше одбележан денеска во присуство на  турскиот премиер Ахмет Давутоглу.  Денот се празнува на 21 декември, но прославата годинава е поместена за време на посетата на турскиот премиер во земјава.

На манифестацијата се обрати и премиерот Никола Груевски, кој посочи дека околу 6.600 млади луѓе ја следат наставата на турски јазик во основните и средните училишта низ Р.Македонија.

Турскиот јазик и култура се меѓу најзначајните во Македонија, а пријателството со Турција ќе продолжи и во иднина, им порача премиерот Никола Груевски на претставниците на турската заедница.

12-500

– Годинешната манифестација но и сите претходни прослави на овој празник на турската заедница во Македонија претставуваат јасен доказ за тоа како се чува и негува искреното и традиционално пријателство помеѓу Македонија и Турција. Одбележувањето на овој ден претставува континуитет на почитта на Македонија кон турскиот народ, турската култура, идентитет и традиција. Токму затоа овој празник не е само празник на турската заедница, туку и празник на македонско-турското пријателство, рече премиерот во своето обраќање.

Тој додаде дека годинава во Македонија започна и изградбата на новиот Турски тетатар кој ќе биде еден нов центар за промоција на турската култура во Македонија.

11-500

– Имавме голем број средби на политичко ниво. Бележиме напредок во делот на проектите од областа на образованието, културата, здравството, економијата, локалната самоуправа и во многу други полиња од значење за двете држави, посочи Груевски.

Груевски нагласи и дека турските инвеститори се добредојдени во Македонија.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу нагласи дека пријателството меѓу двете држави ќе трае вечно и најави дека и во иднина тоа ќе се зацврстува.

13-500

– Секој месец континуирано ќе продолжат нашите посети. Духовниот мост меѓу Скопје и Истанбул ќе го претвориме во дипломатски и политички мост. Можеби немаме заедничка граница, но имаме комши капиџик. Вие секогаш сте добредојдени кај нас и ние секогаш ќе дојдеме кај вас. Нашето пријателство и нашата доверба ќе трае вечно, порача Давутоглу.

Оценувајќи дека Македонија е пример за мултикултурно општество, Давитоглу рече дека секогаш кога е во посета на Македонија се чувствува како дома.

На 21 декември се одбележува почетокот на наставата на турски јазик во Македонија, која почнала  во 1944 година во ОУ „Тефејуз“ во Скопје. Годинава се одбележуваат и 70 години откога во 1944 година турската заедница во Македонија го доби првиот весник на свој јазик и првата радио програма.