Груевски: Уште четири дена до двојната победа

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ попладнево одржа митинг во Свети Николе, каде што претседателот на партијата Никола Груевски рече дека по четири дена ќе слават двојна победа.

„Остануваат уште само четири дена, само уште четири дена до двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата…. 450 илјади гласови за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ сегашен и иден претседател на Македонија Ѓорге Иванов и 123 разлика помеѓу него и кандидатот на СДСМ. Македонија ја препозна разликата и покажа дека има разлика во Македонија помеѓу политичките конкуренти и помеѓу нивниот начин на работење и делување“, истакна Груевски.

Пред граѓаните на Свети Николе зборуваше и Никола Тодоров, носител на листата на кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во Третата изборна единица.

Тој ги спореди времињата на владеење на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ односно, како што рече, затворањето на фабриките наспроти отворањето нови работни места.

Истакна дека оваа Влада е прва која не ја заборава Источна Македонија и се грижи тој дел од државата да напредува, да се унапредува животот таму и да се гради инфраструктурата.

„Во нашата програма има проекти за изградба на автопатишта, но посебно ми е драго што оваа Влада го започна и ќе го изгради автопатот кон Источна Македонија од Скопје преку Свети Николе за Штип, потоа како експресен пат до Кочани и експресен пат до Радовиш и комплетна реконструкција од Кочани преку Македонска Каменица до Делчево. Тоа е грижата за нашите граѓани, тоа е овозможување подобри услови за функционирање“, рече Тодоров на митингот во Свети Николе