Македонија

Честитка од Груевски по повод Успение на Пресвета Богородица

Честитка од Груевски по повод Успение на Пресвета Богородица

По повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, во народот познат и како Голема Богородица, претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски упати честитка до Поглаварот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски, Господин Господин Стефан, како и до сите православни верници.

Во продолжение проследете го интегралниот текст од честитката на премиерот Груевски:

                Ваше Блаженство,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Синодот и на сите православни верници, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица и да ја изразам мојата желба за многу среќа, радост и мир во душите на сите христијански верници.

Празнувањето на овој ден е славење на светлината на Дева Марија, која преку својот безгрешен, достоинствен и богоугоден живот е благословена со раѓањето на нашиот спасител Исус Христос. Чистината на нејзината душа ја прави оваа жена достојна за најголемиот христијански чин, а со тоа и вечен пример за сите нас кои со восхит и почит гледаат на нејзиното дело. Добрината и искреноста, чесноста, грижливоста и чистината на душата сe принципите и патоказот по кој и мајката божја, и целото христијанство не учи и упатува, оттука е и големината на денешниот празник и неговото значење.

Посветеноста на мајчинството и љубовта кои се белег на нејзиниот земен живот секогаш ќе не потсетуваат на бесценетоста на семејството. Поддршката и потпората добиени од домот даваат сила да се издржат најголемите предизвици и искушенија. Затоа на овој ден посебно, но и на секој друг, да се потсетиме на значењето на семејството како суштински елемент за одгледување и животен развој на децата кои се богатството и иднината на секоја земја.

Во духот на христијанството да ја пренесеме добрината со која сме благословени, на знајните и на незнајните луѓе со кои во секојдневието ни се вкрстуваат патиштата. Правејќи добри дела, создаваме трајни вредности и секој на тој начин придонесува со свој личен пример за иднината на нашата земја, нејзината изградба и развој.

Нека ни е честит и за многу години празникот.