Македонија

Груевски: ВЕИБО Груп се подготвуваат за инвестицијата

Груевски: ВЕИБО Груп се подготвуваат за инвестицијата

ВЕИБО Груп се подготвуваат за инвестицијата и бараат да купат некоја постоечка текстилна фабрика во Крива Паланка или околината што работи за да им биде логистичка поддршка за тренинг на новите вработени, пренесува МИА.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Крива Паланка.

– ВЕИБО Груп се подготвуваат за инвестицијата и во последните неколку месеци повеќепати ја посетија Република Македонија. Имав средби со сопственикот и менаџментот на компанијата на кои ми беше кажано дека им е важно кога ќе почнат со работа да имаат поголем број на обучени текстилни работници. Токму затоа, покрај планот што го имаат да инвестираат во зоната во Ранковце, каде ние ги извршуваме последните подготовки, по што би стартувале активностите на ВЕИБО, бараат некаков постоечки објект во Крива Паланка или околината, кој е текстилна фабрика што работи. Сакаат да ја купат за да им биде логистичка поддршка за тренинг на новите вработени, појасни Груевски.

Нагласи дека очекува во декември или јануари годинава ВЕИБО Груп да започне со градба на фабриките.

– Очекувам откако ќе најдат некоја постоечка текстилна фабрика да ја откупат, да започнат со активности и со тренинг на вработени, а кога ќе почне градбата на нивните фабрики веројатно ќе почнат и позасилени тренинзи и регрутирање на вработени. Станува збор за повеќе фабрики, некои за производство на ткаенина, за боење и други видови на суровина, а некои за готова конфекција. Планираат да изградат и две фабрики за различни видови метални производи. Се на се, планираат да вработат најмалку 5.000 луѓе, прецизира Груевски.

Во неформалните разговори, додаде Груевски, тие велат дека вработувањата ќе бидат и повеќе од 5.000, но не сакаат да се врзат на тоа, бидејќи сакаат да се стопроцентно сигурни дека тоа што го ветуваат ќе се реализира.

Македонскиот премиер истакна дека ВЕИБО Груп во Македонија вкупно ќе инвестира 400 милиони долари.

– Финансирањето не им е проблем затоа што имаат свои ликвидни средства, бидејќи компанијата е ликвидна и има доста слободни средства за инвестиции. Компанијата има огромен број на продавници и сосема мал дел ќе го покријат со кредит, нагласи Груевски.