Груевски: Веќе нема ниту еден аболиран политичар освен Заев за „Глобал“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја поздрави одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за повлекување на аболицијата од 12 април за 22 политички експонирани лица.

Одлуката која што претходно беше донесена не беше на линија на нашите активности, а вчерашната одлука е на линија на нашите активности и е добра одлука која ја поздравуваме. Мислам дека е одличен чекор на претседателот Иванов и се надевам дека работите ќе продолжат да се одвиваат во добра насока и дека што поскоро СДСМ ќе се охрабри да дојде на избори, изјави Груевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општата болница во Струмица каде е во тек реконструкција на Ургентниот центар, пренесе МИА.

Нагласи дека со вчерашната одлука на Иванов веќе нема ниту еден аболиран политичар со исклучок на Зоран Заев кој е аболиран во 2008 година од поранешниот претседател Бранко Црвенковски за случајот „Глобал“ во кој се товареше за проневера на осум милиони евра.

Сега во Македонија со исклучок на Зоран Заев нема ниту еден аболиран политичар врз кој може да се фрли сомнеж дека е аболиран заради тоа што сторил кривично дело и на некој начин ја избегнал одговорноста за тоа. Единствен таков во моментов е само Зоран Заев за случајот „Глобал“, потенцира Груевски.