Груевски: Ветуваа враќање на иселените, а гледаме како граѓани незадоволни од хунтата се иселуваат

На денешниот протест организиран од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пред граѓаните се обрати лидерот на партијата Никола Груевски кој меѓу другото кажа дека неправда е што СДСМ лажеле дека во време на ВМРО-ДПМНЕ од државата биле иселени 600.000 луѓе, но и дека неправда е што ветувале дека истите ќе ги врателе.

„За шест месеци не само што не се врати никој, туку гледаме како незадоволни од хунтата на власт, постојано се иселуваат пријатели, познаници, цели семејства. Неправда е што промовираа национална стратегија за населување на десетици илјади мигранти од Африка и Блискиот Исток, а сега спроведуваат и кампања истите да се населат додека домашните губат работа и осиромашуваат, додека илјадници граѓани на Македонија немаат работа“, рече Груевски пред собраните граѓани.

Кажа дека неправда е што младите се заборавени, што се заборавени студентските домови кои власта на ВМРО-ДПМНЕ предвидела да ги гради и реновира, ниту, пак, биле предвидени пари за проектите кои ги ветиле токму тие, како младинската гаранција.

„Неправда е и укинатото екстерно за кое ветија дека ќе понудат алтернатива, дека ќе понудат подобро решение, од кое нема ни трага ни глас. Екстерното тестирање беше стигматизирано и злоупотребувано, а носеше стандарди кои веќе ги нема и пак доаѓа време кога може сите ученици да се со сите петки без реална основа. Укината е и Кембриџ програмата, а први на удар беа дисперзираните студии. Ветуваа дебати, а носат законски решенија без ниту една дебата, а во поретки случаи се прават фингирани дебати“, рече Груевски.

Напомена дека донеле план „3-6-9“ само пред камерите, но без суштина, како што кажа Груевски, поминале шест месеци но нема ниту НАТО, ниту Европска унија.

„Неправда е пред изборите да ветуваат брзо членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, а сега да ни зборат дека ќе ја симнат условеноста на препораката, која настана поради политичката хајка и политичката криза создадена токму од нив“, додаде Груевски.