Груевски: Влада која ќе спроведува Тиранска платформа не може да биде реформска

-Фактот што и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ нуди поддршка на Заев со своите 51 пратеници, само СДСМ да се откаже од платформата и фактот што тој упорно не го прави тоа, покажува дека сценариото е многу сериозно, а влогот многу поголем.

СДСМ е заложник на платформата, а државата е уценета и е жртва на Заев и неколкумина од раководството за кои сето ова е можност за спас на своите кариери и избавувања од случаите каде се осомничени за криминал. Притоа, однесувањето на СДСМ е како да нема народ во државата или како тој воопшто да не е важен. Забораваат дека партиите постојат заради народот и државата, а не обратно.

Наспроти ова, улиците на градовите се преполни со народ кој протестира и изразува незадоволство што јасно укажува дека ваквите политики на СДСМ се осудени на неуспех. Недозволиво е за најклучните прашања во оваа држава поврзани со нејзините суштински обележја да не се праша народот и да се носат одлуки кои се предмет на неколкумина кои прават меѓупартиски договор, а не базирани на изборна програма одобрена од граѓаните на избори.

Тоа се вика изборна измама.

Доколку се оди по логиката на СДСМ, тогаш се губи суштината на одржување на избори. Ако може една или повеќе партии да носат суштински одлуки без да се прашаат граѓаните и ако мнозинството на Македонци се испратат во опозиција, со цел спроведување на таа изборна измама, тогаш демократијата се укинува. И тоа токму од оние чија главна реторика во последните 10 години е слобода и демократија. Истите тие, при првата можност да се доберат до власт по секоја цена, му забиваат нож во грб на народот во чие име претендираа дека бараат повеќе демократија. Нивниот прв чекор е голема изборна измама на народот.

За ВМРО-ДПМНЕ првенствено се важни граѓаните и нивните интереси. Единствениот реален и логичен излез од целокупната политичка криза се брзи избори. Изборите, кои иако се толку непосакувана одлука за СДСМ, значат сигурно решение за излез од кризата. Тоа ќе биде референдум на граѓаните за иднината на државата. Тие нема да се никаков нов трошок или губење време, бидејќи и онака треба веднаш да се одржат редовните локални избори, додава Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.